Боже, каква само најава имавме за PlayStation Pro. Независно од тоа какво е мислењето за конзолата на Sony, тешко е да се проголта цената од 800 евра, која се бара за значително надградената верзија, предвидена да излезе на 7 ноември.
Од таа причина, наместо да се разочарувате со најновата конзола, поминете квалитетно време со најстарите игри. За Antstream Arcade пишувавме во март. Особено ни се допаѓа можноста за стримување над 1300 класични ретро видео игри, игри како Bubble Bobble, Double Dragon, Monkey Island, Space Invaders, Star Wars, Indiana Jones, Worms, Pacman, Ninja Gaiden, Pong, Strikers 1999, Fatal Fury, и Metal Slug. Како крајно флексибилна платформа, Antstream Arcade можете да ја најдете на Windows, Xbox, Android, Apple, или пак да играте директно од прелистувачот. Сега, можете да ги играте сите тие игри и преку вашиот PS4, односно PS5.
Од Atari 2600, преку Commodore 64, па се до SNES, Megadrive и PlayStation One!
Со повеќе од 1300 игри достапни за стриминг, Antstream Arcade е најголемата официјално лиценцирана платформа за ретро игри во светот. Како премиум член можете веднаш да започнете со играње над 1300 игри преку одделот Play Now. Сите игри се уредно подредени во корисни категории како препорачани игри, нови игри, мрежни игри, спорт, загатки, авантури, трки, боречки или игри со брутално тешки предизвици.
Се функционира на ист начин како и верзиите за останатите платформи. На располагање имате претплата од една година, или доживотно користење на платформата. Особено ни се допаѓа дизајнот, листањето на игрите, како и бројните дневни предизвици кои ве наградуваат со корисна валута, особено кога се работи за започнување турнири или пак вложување на валутата за одредени напредни предизвици. На овој начин, имате причина секојдневно да и се навраќате на платформата и да пробувате нешто ново.
Нашата единствена забелешка и понатаму е поврзана со конекцијата. Со оглед на тоа дека се работи за стриминг, во ситуации кога конекцијата е нестабилна, се случува значително визуелно загрозување на квалитетот.
Неодамна, платформата им посака добредојде и на игрите Risky Woods & Wonder Planet! Risky Woods е платформер кој Electronic Arts го издаде уште во 1992 година, додека Wonder Planet е shoot ’em up од 1987 година, од Data East. Antstream Arcade се труди да воведува по игра-две секоја недела, или барем на месечно ниво, така да, доколку сте фанови на бројни ретро игри, не пропуштајте ја можноста да ја проверите платформата и на конзолата на Sony!
Повеќе детали за платформата
- Произведува: Antstream Arcade
- Издава: Antstream Limited
- Жанр: различни
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли, стриминг
- Излезе на: 18 ноември 2022