Voxel8 e уред кој може да печати електрични кола. За разлика од 3Д печатачите кои постојат и печатат во термопластика, Voxel8 ќе може да печати електрични уреди благодарение на револуционерното сребрено проводно мастило. Корисниците ќе можат да печатат електромагнети, 3Д електромеханички апарати, но и Quadcopter чие креирање може да го видите во видеото.
„Voxel8 ќе го промени целиот изглед на електориката која во моментов е составена од 2Д елементи, сместени во 3Д. Во иднина и овие елементи ќе бидат три-димензионални и ќе бидат сместени во деловите изработени од термопластика“, вели тимот од Харвард кој работи на принтерот.
[youtube]zbm2SSql8V8[/youtube]
За сега дел од елементите не можат да бидат отпечатени од принтерот. Принтерот чека операторот да ги постави овие елементи, а потоа продолжува со печатењето. Пред оваа пауза, главата за печатење со термопластика, паузира, а нејзината работа ја продолжува главата од сребрен проводен материјал. По ова операторот ги поставува процесорот батеријата и моторите, вели Singularity Hub.
Технологијата за печатење на електроника е во самите зачетоци, а едно од прашањата кои се поставуваат е како би се менувале елементите, бидејќи барем во моментов не изгледа дека постои елегантно решение за сервисирање на уред чиј процесор би се наоѓал буквално во центарот и околу него да е излеана термопластика. Сепак можноста за печатење на електрични кола, намотки и слично, како и можноста за креирање на делот кој би бил соодветен во просторот, е навистина одлична. Идните планови на тимот зад Voxel8 се различни типови на мастило за печатење на батерии, отпорници или сензори.