Како што најавивме во петокот и пишувавме за како да пријавите неправилности на Facebook, продолжуваме со оваа мини-серија на водичи и денес ќе пишуваме за пријавувањето на спам, навредлива содржина и слични неправилности на Twitter.
Како и сите страници на кои може да се дискутира и во неа директно се вклучени сите корисници, без никакви ограничувања, мора да постојат некои правила. Така, Twitter има една листа на правила и услови за користење на својот сервис.
Пријавување на корисник
Корисниците можете да ги пријавите како спамери, а на Twitter под спам се подразбираат сите овие работи:
- Објавување на штетни линкови (линкови кои водат до фишинг или малициозни сајтови);
- Агресивно следење/отследување (корисник кој активно прави follow / un-follow);
- Користење на функцијата за одговор (@корисник) за испраќање на несакани пораки до корисниците;
- Објавување на дупли твитови и слично.
Доколку имате ваков твитерџија во својата листа, слободно можете да го пријавите на надлежните. За да го сторите тоа, отидете на профилот на корисникот и на иконката со „човекот“ кликнете на „Report @корисник for spam“.
Откако ќе го пријавите корисникот, тој најпрво ќе биде блокиран од ваша страна, а какви и дали ќе се превземаат понатамошни акции ќе одлучат луѓето задолжени за тоа.
Пријавување на фотографија или видео
Доколку мислите дека на некоја мултимедијална содржина не и е местото на Twitter, поради било која причина, можете да ги информирате вработените во Twitter и да побарате нејзино отстранување.
За да го сторите тоа, отворете ја фотографијата и во десниот долен агол стои линк со име „Flag this media“. Кликнете на него и ќе биде испратено барање за содржината да биде разгледана. И запoмнете, оваа опција не е за пријавување на фотографии што не ви се допаѓаат.
Останато
Покрај тоа, Twitter има поставено и форми за пријавување на друг вид на неправилности. Како на пример, можете да поднесете барање за отстранување на неактивни корисници, лични закани, пријавување на позадина, профил слика и слично.









