Безбедносната ситуација на македонските сајтови би ја нарекол како „принудна сигурност“ бидејќи се штити она што мора, не она што треба, вели Гоце Ѓоргиоски, основачот на Hacker.mk.
„Постојат мал број сајтови кои се заштитени како што треба. Има и голем број на сајтовите кои имаат „принудна сигурност“, како што ја нарекувам, односно се реагира само по сигурносен инцидент. За жал поголемиот број на сајтови се целосно незаштитени. Причината за ова и решението на проблемот е едукација на ИТ професионалците во Македонија.“
Токму затоа е стартуван и Hacker.mk кој е едукативен веб сајт со информации за етичко хакирање, компјутерска сигурност и компјутерски мрежи. Сajтот не е наменета за пошироката јавност, туку за ИТ професионалците. Најновите трендови и вести ќе бидат објавувани на Twitter и Google+ профилите, а на сајтот има кратки статии „без многу филозофирање“, кои се детални и применливи во пракса, и статии кои теоретски ќе ги објаснат и дефинираат поимите.
Во иднина ќе има и дел сo веб алатки, како на пример, генератор на сигурни лозинки итн. Идејата зад сајтот, вели Гоце, е да се сподели знаењето и да се промовира етичкото хакирање и компјутерската сигурност.
„Во Македонија има неколку хакерски групи кои спаѓаат по описот на Gray Hat Hacking т.е. хакираат наоколу и ги известуваат администраторите на сајтовите за пронајдените ранливости и со тоа мислат дека придонесуваат за нивната сигурност. Но, тоа што тие го работат е нелегално, казниво според Кривичниот закон на Р. Македонија, и е за осуда.“
Според него, разликата помеѓу овие хакерски групи и етичките хакери е во писмената дозвола за хакирање од сопственикот на сајтот. Етичките хакери го прават истото што и другите, но имаат дозвола за тоа за разлика од gray-hat, и се комплетно спротивни black-hat хакерите кои сакаат да наштетат.
„Трендот на појавата на злобните хакери и етичките хакери насекаде во светот е ист, па и во Македонија. Прво се појавуваат злобните хакери, па потоа, како последица, се појавуват заедниците на етички хакери. Македонија се наоѓа во првата фаза, се зголемува бројот на злобните хакери и gray-hat хакерски групи, а како последица на тоа ќе гледаме појава на заедници на етички хакери. Се надевам дека Hacker.mk ќе го забрза овој процес.“, вели Гоце.

Коментари
4 коментари
Коментарите се затворени.