Само пред неколку месеци ја најавивме претходната верзија на WordPress 3.5 која официјално беше објавена на 11-ти декември минатата година, а веќе се ближи и објавувањето на WordPress 3.6 кое треба да биде некаде на крајот на април. Во моментот оваа верзија сè уште се развива, но не е доцна да ви ги претставиме сите новости кои ќе дојдат со неа, со цел да бидете припремени и да знаете кои нови можности ги имате.
Подобра контрола на уредување
Во WordPress 3.6 ќе имаме подобрена контрола кога вие или некој друг корисник пишува некаква содржина. Ќе понуди неколку подобрени алатки: заклучување на напис, подобрено автоматско зачувување и подобар преглед на претходните верзии на написот, и повеќе статуси на написите со помош на Edit Flow додатокот кој сега ќе биде дел од јадрото.
Заклучување на напис
Во WordPress 3.6 корисниците што пишуваат написи ќе може да ги заклучуваат своите написи за останатите да не може да ги уредуваат, се додека истиот не биде отклучен. Доколку корисникот што се обидува да ја уредува содржината има дозвола за тоа, тој може да ја преземе работата и да продолжи со пишување.
Подобрено автоматско зачувување
Покрај стандардното автоматско зачувување, според развојот, во WordPress 3.6 ќе има верзии на написите кои ќе се зачувуваат локално. Со оваа можност, корисниците имаат пристап до своите текстови и кога ќе им истече рокот на колачињата или евентуално ги избришат, им снема интернет или настане било каков друг технички проблем.
Подобрена ревизија на написите
Одсега корисниците ќе може да ја гледаат промената помеѓу две различни верзии на написите. Промените ќе бидат обоени, па видливо ќе биде што било отстрането, а што додадено на нивно место.
Edit Flow
Исто така, oтсега во јадрото на WordPress ќе биде вметнат и Edit Flow додатокот кој на корисниците ќе им овозможи уште неколку дополнителни статуси на написите. Покрај нацрт, чека одобрување или распореден, со Edit Flow ќе бидат додадени и „Поставува“ – за дофрлање на некоја идеја и „Назначено“ – администраторот ќе може да му даде задача на некој од авторите.
Ново UI на типовите на написи
Уште една новост поврзана со делот за уредување на написи, а тоа е новиот кориснички интерфејс за избирање на тип на написи. Корисниците лесно ќе може да се префрлуваат од еден во друг тип на напис, додека дизајнот на уредувачот останува ист.
Twenty Thirteen тема
Стандардно, секоја година со секоја верзија следува и нова тема. За разлика од претходните, оваа е нешто поразлична со повеќе бои, а ќе може да се користи и различна боја на позадина за различен напис. Темата е респонзивна и можете да ја прегледате овде.
Од останатите промени, уредувачот за сопствени менија ќе биде најверојатно поедноставен, со причина дека новите корисници не се снаоѓаат најдобро во моменталниот систем. А покрај тоа, ќе бидат подобрени и известувањата за најавување откако ќе истече сесијата, па корисниците ќе може повторно да се најават без да ја напуштаат страницата.
WordPress 3.6 ќе биде достапен и на македонски јазик. Доколку сте заинтересирани, во локализацијата можете да се вклучите преку http://translate.wordpress.org/projects/wp/dev.














