12 коментари 3 мин. читање

Владата сака да бидеме фит со нова апликација – Супер Фит, но јас нема да ја користам

Владата на Македонија објави своја апликација Супер Фит со која сака да ги мотивира граѓаните да водат поздрав живот. Освен лошото лого што нема никаква врска со фитнес, Супер Фит е всушност квалитетно изработена апликација. Достапна е за iOS и Android, и функционира како to-do листа или календар за физички вежби и здрава исхрана, пропратено со неколку совети, како на пример, дека e добро да се јаде зеленчук. Добрата намера да се мотивираат граѓаните да бидат поздрави, се за поздравување. Но, за жал, парите се потрошени за џабе.

[youtube]qh3ERfQOnQo[/youtube]

Ако креаторите на Супер Фит разгледале други фитнес апликации, домашни како SportyPal или странски како RunKeeper, Lift, Lifesum, Runtastic, Nike+ Running и куп други, ќе сфатат дека корисниците сакаат да си ги споделат своите фитнес активности со пријателите. Така и симнуваме фитнес апликации – преку пријателите. Но, Супер Фит нема опција за друштвено споделување на активностите. За да биде апликацијата успешна, првин треба да допре до early-adopters, односно корисници кои ќе сакаат да ја видат и ќе сакаат да ја споделат со пријателите. Early-adopters во овој случај се луѓе кои се фитнес фанатици, па можеби не треба да им се потценува интелигенцијата со совети дека „зеленчукот е здрав“ и дека „треба да се јаде повеќе овошје“. Треба да им се понуди повеќе на корисниците, и тука лежи вториот проблем.

Супер Фит нема куп функционалности, не е ништо повеќе одошто календар, и тоа е сосема во ред бидејќи бараме едноставни апликации за почетници. Но, Супер Фит е далеку од лесен за користење, и бара премногу од корисникот. За почеток ги внесувате „целите“, односно име на активноста, опис на активноста, што ќе јадате, колку ќе вежбате, кој ден ќе вежбате, во колку час ќе вежбате, дали тоа ќе се повторува дневно или неделно, во кои денови од неделата… и така натаму за сите здрави оброци, пиење вода и сите други вежби. Трудот кој го бара Супер Фит од мене да внесувам податоци е истата причина зошто не го користам Apple Health, која мислам дека е земена како инспирација за владината апликација. Аpple Health е можеби покомплексна платформа, и бара од мене да бидам поинтелигентен и да водам гајле за колку калциум, јагленихидрати, протеини, калории, магнезиум и куп други состојки сум внесол со исхраната. За споредба Супер Фит бара од мене да сум посветен на календар, иако јас барам апликацијата да ми биде посветена на мене. Ако сакам да бидам фит, тогаш ќе симнам фитнес апликација која ќе ми покаже се – од мапа и претрчани километри, до потрошени калории, до колку протеини има во јајцата и колку е оптималната дневна доза – без јас да се замарам околу податоците.

Но, ок. Да кажеме дека грешам во мојата рецензија, и Супер Фит е добро осмилена апликација. Тогаш зошто бара од мене да внесам фотографии од јаболко како мотивација да јадам јаболка?

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Коментари

12 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top