Министерот за здравство Арбен Таравари сака на подиректен начин да го слушне гласот на граѓаните. Наместо на друштвените мрежи, граѓаните можат да контактираат со министерот преку WhatsApp и Viber на телефонскиот број 071 349 999.
Со проектот #ЗдравоТаравари корисниците на медицински услуги ќе можат да се обратат директно до министерот, а целта на проектот e граѓаните да ги споделат личните искуства, критики, жалби, обиди за корупција и предлози директно до министерот.
„Целта на #ЗдравоТаравари е лично да ги слушнам мислењата и искуствата на граѓаните од здравствениот систем, и заеднички да ја смениме перцепцијата за нашето здравство. Комуникацијата со министерот Таравари ќе се одвива единствено со електронски пораки преку Viber и Whatsapp, кои може да ги испрати секој граѓанин на телефонскиот број 071/349999“, вели г. Таравари.
Апликациите се погодни за пријавувањето на корупција и нерегуларност. Сепак се чини дека друштвените мрежи се подобри за споделување идеи и предлози. Вака за дел од предлозите ќе биде овозможена дискусија од јавноста.
Настрана од оние кои ќе испраќаат вулгарни или пораки за кои сметаат дека се забавни и чии броеви можат да бидат блокирани, решението е проблематично. Дури и граѓаните кои се добронамерни ќе го затрупаат телефонот со сопствените здравствени проблеми. Секако ова не значи дека министерот треба да биде глув на зборовите на критиките и мислењата и граѓаните.
Проблемите на здравствениот систем треба да се решаваат системски, а не единствен спас за пациентите да биде повик до министерот.







