Мобилната VoIP апликација Viber надмина 140 милиони корисници, и, ако и се верува на компанијата, продолжува да расне со неверојатно темпо – секој ден се приклучуваат нови 400.000 корисници. Заедно со јубилејот доаѓа и нова 2.3 верзија на апликацијата и тоа за iOS и Android која е достапна во iTunes и Google Play. Новина во надградбата ќе биде можноста за споделување на „стикери“ со пријателите, испраќање на „емотикони“ во текст пораките и испраќање на локацијата во пораки.
Viber е мобилна апликација конкурент на Skype, која нуди бесплатни текст пораки, разговори со вашите пријатели или споделување на фотографии. Сево ова е без разлика каде се наоѓате вие или вашите пријатели се додека имате стабилна интернет врска.
Покрај Android и iOS, апликацијата е достапна и за Blackberry и Windows Phone, но и за Symbian и Bada. Креирање на апликација за сите, па дури и подзаборавените платформи овозможи стартапот во последните три месеци да го зголеми бројот на корисници за 40 милиони. Интересното кај Viber е што вели дека никогаш нема да наплаќа за повици, ниту пак да прикажува реклами, што ги прави доста примамливи за сите корисници кои не сакаат да бидат спамирани. Но, можеби оваа политика ќе потрае само додека се собере доволен број корисници и да се најде доволен добар бизнис модел.







