Најверојатно сите мислевме дека работните места кои не се во фабрика, ќе бидат безбедни уште некое време од роботите. Сепак вештачката интелигенција на IBM, Watson е доволно напредна да ги замени луѓето.
Од јануари 2017, јапонската осигурителна компанија Fukoku Mutual Life Insurance замени 34 работници со Watson. Вештачката интелигенција е 30 отсто поефикасна од луѓето. Дополнително, роботот заштедува 1.1 милиони американски долари годишно од платите кои компанијата нема да им ги исплаќа на работниците. Инсталирањето на Watson чини 1.7 милиони американски долари, а трошоците за одржување се 128.000 долари годишно.
Софтверот може да проверува по медицинските картони, да ги проверува повредите и да ја одреди цената за осигурувањето. Watson го преведува говорот во текст и го анализира текстот. Роботот може да ги разбере и зборовите, но и расположените на клиентите, па ако забележи дека губат трпение ги префрла на агент. Секако ова значи дека дел од работниците остануваат, но во значително помал број.
До неодамна сметавме дека роботите ќе ги заменат луѓето на здодевните и репетитивни работни места. Сепак се чини дека и дел од поинвентивните работни позиции нема да бидат безбедни. Финансиските услуги можеби се следни кои ќе бидат под притисок. Веќе има најави и за алгоритми кои ќе им даваат правна помош на бездомниците.
IBM е само една од компаниите кои работи на вештачка интелигенција во осигурителните компании. Израелскиот стартап за осигурување Lemonade, прибра 60 милиони долари од финансиерите, јави Quartz. Од неодамна, Watson стана и експерт за компјутерска безбедност.
Што нѐ очекува на полето на вештачка интелигенција во 2017, прочитајте во интервјуто со Игор Трајковски, основач на Time.mk во нашиот серијал IT.mk/2017.