По Apple Macbook, и Google го претстави својот прв лаптоп кој доаѓа со новиот USB Тype-C. Новата верзија на Chromebook Pixel доаѓа со новиот конектор, што е добра вест за фановите на симитеричниот конектор, бидејќи сега две од најголемите компании се позиционираа зад USB-C конекторот. „Сметаме дека сите треба да можат да користат еден полнач за целата електроника“, вели Андрју Бојерс од Google.
Новиот USB Type-C е поедноставен за корисниците бидејќи овозможува приклучување на повеќе уреди преку едeн порт, побрзо префрлање на податоци и приклучување од било која страна. Но, тоа не е се. USB-C може да се користи и за напојување, што значи дека за сите идни уреди ќе ви е потребен само еден кабел, и може да пренесува и видео и податоци. Што се однесува до новиот Chromebook Pixel, лаптопот доаѓа со петта генерација на Intel Core процесор; 8GB RAM меморија, 2560х1700 239 Ppi дислеј на допир и Intel HD графичка картичка. Батеријата овозможува 12 часовна работа, а благодарение на новиот USB-C конектор со 15 минутно полнење се овозможува работа од 2 часа.







