После неколку правни порази, Samsung конечно ја доби поддршката од судот. Имено, Високиот британски суд ја изрече својата пресудата која против Samsung Electronics ја има покренато Apple, а се однесува на копирање на идејата и визуелниот изглед на iPhone и iPad. Судијата Колин Бирс изјави дека таблет компјутерите на Samsung не се „толку кул“ како iPad на Apple. Иако припаѓаат во иста фамилија на таблет компјутери како и iPаd, сепак се работи само за надворешен изглед.
„Произвoдите на Samsung се многу тенки и како такви само се незначаен член во ‘големата фамилија’ со необични детали во позадина.“, објаснува судијата Колин Бирс. „Тие ја немаат таа конзервативност и екстремна едноставност како што е случајот кај дизајнот на Apple. Тие не се толку кул. Целиот впечаток е различен“.
Од Apple немаат коментар за пресудата и само го повторија нивниот став спрема јужнокорејскиот дизајн дека „Не е случајност дека Samsung поседуваат производи многу слични на iPhone и iPad, почнувајќи од самиот хардвер, корисничкото искуство, па дури и пакувањето. Ваквите копирања се лоши и веќе многу пати сме кажале дека мораме да ја заштитиме интелектуалната сопственост на Apple од крадење од страна на другите компании“.
Но, и покрај оваа освоена битка, Samsung полека ја губи војната. Galaxy 10.1 и Galaxy Nexus, кој е изработен во соработка со Google, од неодамна се забранети да се продаваат во САД.







