Зошто да ја играте?
- Фанови сте на визуелни романи и авантури
- Уникатен визуелен стил и длабоки ликови
- Невообичаени гејмплеј механики засновани на истражување и индиции

Urban Myth Dissolution Center е игра која ја очекувавме со огромно нетрпение. Последниве неколку месеци, бројните скриншотови, трејлери и демо приказни ни оставаа впечаток дека се работи за длабоко вознемирувачка игра која нуди комплексни гејмплеј механики тесно испреплетени со наративниот дизајн. По сѐ изгледа, бевме во право. Играта штотуку излезе и е сѐ што се надевавме и многу повеќе!
Урбана митологија
Во Urban Myth Dissolution Center играта ја почнувате со младата и исплашена Азами. Девојката поседува моќи кои ѝ дозволуваат да гледа надприродни работи околу неа, како и да перципира и да визуелизира нешто што било порано, а не повеќе. Ова ја доведува до работ на лудилото, принудувајќи ја да бара помош по секоја цена. Нејзината потрага ја доведува до Urban Myth Dissolution Center – мистериозно место кое би можело да ѝ помогне, но по одредена цена.
Urban Myth Dissolution Center е игра која е некаде помеѓу визуелна новела и авантура. Од една страна, навлегувате во долги и длабоки разговори со најразлични ликови. Од друга страна, ја истражувате околината, стапувате во интеракција со ликови и предмети и решавате загатки. Комбинација од овие две клучни механики допринесува до квалитетно и незаборавно искуство полно со забава, мистерија и неочекувани пресврти.

На почетокот на играта, ќе се најдете во ситуација каде ќе си наметнете смртоносна клетва или, барем, ќе мислите дека е така. За да можете да се извлечете од клетвата, ќе биде потребно истражување на околината, барање значајни траги и нивно поврзување во одредена целина. Набргу ќе ви бидат дадени специјални очила кои ви дозволуваат да ја фокусирате моќтта и да го гледате натприродното со целосно отворени очи.
Се работи за едноставна, но впечатлива механика каде пред ставање на очилата светот изгледа на еден начин, а, по ставање – на друг. Ваквата транзиција од реалното во натприродното е нагласено со впечатлив премин кон агресивна музика, како и драстична промена на околината и анимациите, пополнувајчи го просторот со работи кои претходно не беа тука. Откако ќе ги соберете сите контекстуални докази, ќе биде потребно да извлечете заклучок!

Донесување заклучоци и изнаоѓање соодветно решение на моментниот случај се изведува преку слични прозорци како горниот, каде што е потребно да ги пополните празнините со некои од понудените опции:

Штом дојдете до нешто што сметате дека е солидна основа за хипотезирање, го избирате црвеното копче и гледате до каков заклучок имате дојдено. Како завршна точка од вашата истрага е да ја тестирате вашата хипотеза и да видите дали „држи вода“.
Сите овие работи даваат одлична претстава за тоа што да очекувате од Urban Myth Dissolution Center. Понатамошните случаи имаат слична почетна точка, но се развиваат во целосно нови и непредвидливи правци чии корени се засновани на истражување гласини. Имено, сите урбани митови доаѓаат од гласини. Вашата задача е да ги искористите тие гласини за да дојдете до сржтта, до самиот извор. Еден начин за тоа е да барате индиции во разни постови на социјалните мрежи.

Ќе се изненадите колку детали се посветени на сите случаи на кои работите. Социјалните постови се полни со фотографии и коментари, секој од нив отвара простор за дополнителни разговори и пренасочување на истрагата во одредени правци. Новите моменти ве наградуваат со нови механики за ефикасно, но тензично напредување, пружајќи ви уникатни можности за толкување и справување со урбаните митови.
Играјќи на карта за креативно комбинирање еднолични бои, студиото се има погрижено впечатливо да истакнува само она што е од клучна важност за сцените кои ги истражувате, давајќи мистериозна и несекојдневна димензија на светот во кој се наоѓате. Запрепастува колку многу може да се постигне со скромна графика ако се има талент. Од она што го видовме, развојното студио Hakababunko има талент за извоз. Urban Myth Dissolution Center е забавна, комплексна и, пред сѐ, крајно непредвидива игра. Топла препорака за сите ентузијасти на визуелни романи и авантури кои не се плашат од малку експериментирање.


Повеќе детали за играта
- Произведува: Hakababunko
- Издава: SHUEISHA GAMES
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 12 февруари 2025
Оценка
- Вкупна оценка: 9.5
- Приказна: 10
- Гејмплеј: 9
- Графика: 9
- Звук и музика: 10







