Зошто да ја играте?
- Фанови сте на игри како Broforce
- Квалитетна механика со костими, при што добивате различни можности за справување со противниците
- Прекрасен дизајн на светот и предизвикувачки непријатели

Broforce е игра која ни е особено мила. На времето, чедото на развојното студио Free Lives направи фанови од нас со внимателно осмислените мапи во ретро-инспирираната графика, како и со можноста за скокање помеѓу најразлични херои. Секој од хероите со кои игравме низ мапите, се одликуваше со уникатни способности, правејќи го целото искуство исклучително забавно. METAL SUITS: Counter-attack е игра која, во многу аспекти, е значително поразлична од Broforce. Но, благодарение на можноста за носење бројни костими кои функционираат како целосно различни класи, лесно беше да ја видиме истата луда забава која беше препознатлива за Broforce.

Класна разноликост
Херојот со кој играте може да трча, скока, турка предмети, да се качува по ѕидови, како и да танцува (не ни верувате за последниот дел? Оставете го да стои во место неколку секунди и ќе видите потези од кои и најголемиот диско ентузијаст би се посрамил). Надвор од ова, херојот е одличен и за уништување на непријателите преку користење оружја и алатка за пресметки од близина и од далечина. Често, ќе наидувате на одредени кутии со костими. Костимите кои ги извлекувате од овие кутии привремено ги менуваат вашите офанзивни и дефанзивни способности, дозволувајќи ви да играте како со целосно нови херои.

Секој костим е како управување со нов херој, при што добивате ново оружје, нова специјална моќ и арсенал од уникатни способности. Ова е најдобриот момент во Metal Suits. Иако се работи за привремено користење на овие оружја и моќи, со задоволство ги користевме до максимум, предвреме радувајќи се на секоја наредна кутија со костими. Разноликоста и зачестеноста се совршени, допринесувајќи до бројни впечатливи моменти кои одлично се вклопени во дизајнот на мапите.
Брзиот ритам и динамичната акција никогаш не трае премногу и обично поминувате низ стазата за минута-две, правејќи ја Metal Suits како напиток за брзо освежување.
Иако дводимензионални, мапите имаат неколку слоеви, оставајќи впечаток на динамична, проширена околина, нешто што е дополнително разубавено со суптилните анимации и со делумно разурнувачка средина. Доколку сакате собирање колекционерски работи и откривање тајни, често се охрабрува ригорозно уништување на околината и гледање каде таквите ново-направени патишта ќе ве одведат. Како дополнителен плус, особено ни се допаднаа музичките нумери кои, на нашето неистренирано уво, делуваа како некоја кибер/панк/метал комбинација од епски пропорции.

METAL SUITS: Counter-attack е релативно долга игра, пружајќи бројни моменти за брзи, адреналински напредувања. Ова ја прави играта одличен наслов за натпреварување со пријателите кој прв да „исчисти“ некоја мапа и да стигне до крајот. Топла препорака за сите гејминг ентузијасти кои имаат потреба од впивање вртоглава акција во мали дози.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Eggtart Inc
- Издава: Eggtart Inc
- Жанр: акција
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 13 февруари 2025