Forsaker: DingDing&Blade е интересен хибрид помеѓу визуелна новела и roguelike со механики поврзани со карти. Развиена од тим кој очигледно не се плаши да експериментира, играта нè воведува во приказна за заговори, канибализам и очај, сето тоа завиткано во изненадувачки шармантен уметнички стил. Доколку сте расположени за мрачно и комплексно патување низ свет каде што моралните граници се заматени, со Forsaker: DingDing&Blade ќе наидете на длабоко наративно искуство кое поставува тешки прашања, но не нуди лесни одговори.

Приказната е сместена во бруталниот континент Хел, поделен меѓу три фракции: остатоците од човештвото, теократската Divine Corpus Church и мистериозните Forsakers, канибалистички суштества. Вие ја следите судбината на двајца млади луѓе од рурална средина, чија едноставна мисија брзо ескалира во крвава одисеја. Наративот, кој содржи над 250,000 зборови, е најсилниот столб на играта. Дополнително, наративната структура располага со повеќе гледни точки. Имено, секое поглавје се раскажува низ очите на различен протагонист, давајќи фрагментирани делови од една поголема, мрачна слика. Преку ваквиот мозаичен пристап активно се поврзуваат настаните и мотивациите на ликовите за да се открие скриената вистина зад крвавите ритуали и политичките интриги што го обликуваат светот. Ликовите се комплексни и повеќеслојни, пружајќи бројни можности за комплексни интеракции.

Механиките на играње, пак, се елегантно вткаени во наративот, создавајќи симбиотска врска помеѓу приказната и борбата. Како што напоменавме, ова не е само визуелен роман, туку има и борбен систем поврзан со карти, намерно дизајниран да не биде премногу напорен туку да е повеќе како природно проширување и разонода од линии и линии текст. Сигурни сме дека некои би можеле да гледаат на овој аспект така, но оние кои се тука само за приказната би можеле да бидат исфрустрирани од честите вакви разоноди. Дуелите со карти се појавуваат во клучни моменти од приказната и се замислени за да го засилат чувството на тензија и опасност.
За среќа, за оние кои сакаат да се фокусираат исклучиво на богатата приказна, играта нуди ексклузивен Novel Mode, кој овозможува непречено уживање во наративот без борбени прекини. Ова е одличен додаток кој ја прави играта достапна за поширока публика, вклучувајќи ги и оние кои не се љубители на игри со карти.

Со преку 200 илустрации кои ги прикажуваат клучните моменти од приказната, визуелната презентација е богата и детална. Музиката дополнително ја засилува оваа атмосфера со своите меланхолични и амбиентални мелодии. Звучните ефекти за време на борбите се суптилни, но ефективни, ставајќи го фокусот повеќе на стратешкото размислување отколку на спектакуларна акција.

Forsaker: DingDing&Blade е игра која дефинитивно вреди да се проба, особено за оние кои сакаат длабоки, мрачни и наративно водени игри, нешто слично на Danganronpa или Zero Escape, но со уникатен пресврт. Ако ја цените приказната над сè друго и уживате во бавното откривање на мистерии низ различни перспективи, шансите се дека играта ќе ви се допадне. Исто така, ако барате игра со карти која е првенсвено замислена само да ја засили приказната, а не да игра централна улога, тогаш овој наслов нуди совршен баланс.
