Наместо да се фокусира на адреналински и нереални сценарија, Car Driving School Simulator нуди длабоко и методично искуство кое ја симулира реалноста на возењето во урбани и разновидни средини. Така да, од многу аспекти, ова не е само игра, туку и едукативна алатка која ве предизвикува да ги проверите вашите возачки вештини и да ги применувате сообраќајните правила на еден интерактивен и безбеден начин. Целта на играта не е само да стигнете од точка А до точка Б, туку тоа да го направите почитувајќи ги прописите, нешто што константно се наградува и соодветно охрабрува. Како резултат, на крајот на денот, можете ем да се забавите ем да се потсетите на одредени правила.

Во Car Driving School Simulator имате на располагање импресивна колекција од 30 возила. Сите возила се поделени во различни категории како што се седани, камионети, muscle автомобили, теренски 4×4 возила, па дури и автобуси и суперавтомобили. Секое возило има свои уникатни карактеристики на управување, тежина и перформанси, што бара да го прилагодувате вашиот стил на возење. Она што го дополнително разубавува искуството е интеракцијата со динамичниот сообраќај, контролиран од вештачка интелигенција, која создава непредвидливи ситуации и ве принудува постојано да бидете внимателни. Дополнителен слој на комплексност додаваат и променливите временски услови, како дожд или магла, кои директно влијаат на видливоста и управувањето со возилото. За оние кои сакаат целосно да се внесат во улогата на возач, постои и опција за камера од прво лице.

Car Driving School Simulator нуди осум детално изработени и разновидни мапи, вклучувајќи ги улиците на Калифорнија, снежните патишта на Аспен, неонските светла на Лас Вегас и Токио, како и природните пејзажи на Норвешка. Секоја локација има свој автентичен изглед и специфични предизвици. Моделите на автомобилите се прецизно дизајнирани, како во екстериерот, така и во ентериерот, што придонесува за подлабоко имерзивно искуство. Сепак, ова не е ААА игра и би можеле до некаде да се разочарате од изведбата и недостасување на одредени детали кои би можеле дополнително да го издигнат визуелното искуство. Но, и вака како што е, играта навистина не е лоша.

Car Driving School Simulator е забавна игра бидејќи не ви дава поени за пребрзо возење, уништување имот или боење на уличите со крв. Мисијата е успешна само преку користење трпение, прецизност и почитувањето на правилата. Со тоа што ве принудува да размислувате за секој аспект од возењето, од вклучување трепкачи и следење на знаци до безбедно престигнување и паркирање, играта создава едно подлабоко и поинтелектуално искуство. Топла препорака доколку се подготвуваат за возачки испит или, пак, едноставно сакате да ги освежите вашите знаења за сообраќајните прописи во виртуелна средина.








