Дубровник и Сплит се најновите градови на Балканот во кои влегува Uber, и по Загреб ова се вториот и третиот град во Хрватска во кои влегува популарниот такси-превозник. „Сакаме да го дадеме својот придонес за локалниот туризам, и хрватското крајбрежје да го направиме уште попривлечно за туристите кои ја посетуваат нашата земја, за да можат да уживаат во најубавите места на светот. Во Загреб веќе сме присутни шест месеци и овозможуваме сигурна, доверлива и ценовно прифатлива алтернатива за превоз“, вели Давор Тремац, менаџер на Uber за Хрватска. Како дел од промоцијата посетителите и жителите на овие два града можеа изминатиот викенд да искористат две бесплатни возења, пишува Netokracija.
Со ова Uber е достапен во осум града во регионот: Атина, Будимпешта, Букурешт, Дубровник, Истанбул, Софија, Сплит и Загреб. Засега изненадување е што Uber сè уште не е влезен во Белград и Љубљана, иако најави за влез во Србија се појавија заедно со најавите за влез во Хрватска. Тоа може да се протолкува и како одговор на барањата на специјални отстапки во Љубљана, и на протестите кои ги организираа таксистите во Белград.
Што се однесува до влезот на Uber во Македонија, засега нема никаква најава од компанијта. Пред околу една година, Digjitale, најави влез на Uber во Македонија, Албанија и Косово, но засега прогнозите не се остварија.







