Уште не започнале со автономните возила, а Uber веќе има план за следните 10 години. Компанијата срамежливо ја најави Elevate, услуга која ќе овозможува превоз на патници со летала.
Засега ова е само замисла на Uber. Возилата ќе полетуваат и слетуваат вертикално и ќе се користат за побрз и најверојатно поексклузивен пренос на патници. Она што е извесно е дека Uber нема да ги произведува возилата. Сепак можноста за монетаризација на возилата штом бидат на пазарот ќе биде дополнителна мотивација за сите кои работат на технологијата.

Uber веќе подолго размислува за оваа технологија и веруваат дека за една декада би можеле да обезбедат ваков превоз. Дел од придобивките се помалку гужва на патиштата, намалување на загадувањето, но и можност овој превоз да биде поевтин од традиционалниот во иднина, пренесе Recode.
Што се однесува до пилотите, засега планот не е да бидат заменети со автопилот. Возилата во прво време ќе ги возат луѓе, иако планот секако е целосна автономија.

Бројот на компании кои работат на летала не е мал. Лери Пејџ инвестира во повеќе компании кои работат на беспилотни летала. Zee.Aero и KittyHawk се само дел од компаниите кои работат на оваа технологијата. Засега станува збор за возила кои ќе бидат во ограничен број, па цената ќе биде навистина превисока.
„Нашата анализа покажува дека на долг рок цената на превоз ќе достигне половина долар за милја. Очекуваме дека за 100 долари ќе биде достапен лет од 45 милји што ќе биде еквивалент на 60 милји со автомобил. Цената би можела да падне на 21 долари за 15 минутен превоз.“, објаснува Uber.







