На наша огромна радост, серијалот Stronghold постои веќе добри 20 години. Развојното студио FireFly дефинитивно ја препознава привлечна моќ на уникатната формула, но се непоколебливи кога доаѓа до менување на урнекот. Како директен резултат, Stronghold: Warlords е игра која стои во времето. Бројни механики кои беа препознатливи во претходните игри ѕиркаат во иста или слична форма и тука, само во ново визуелно руво. Како долгогодишни фанови на серијалот, би лажеле кога би кажеле дека не очекувавме пореволуционерни промени.
И покрај големата сличност со претходните изданија, особено Stronghold 2, успејавме да навлеземе во бројни, долги и забавни сесии, а целото искуство беше како враќање дома по исклучително долг и напорен ден. Ова се три работи кои ни се допаднаа во Stronghold: Warlords, препознатливиот хибрид од градење и стратегија во реално време.
Рат и мир во Источна Азија
Замислете замоци и економија обвиткана во Источна Азија, период кој се протега од третиот век пред новата ера, преку издигнувањето на Tokugawa шогунат, па сè до доаѓањето на монголското царство. Додадете на ова монголски орди, царски воини и самурајски кланови како напаѓаат јапонски замоци и заградени кинески градови и ќе добиете бледа претстава за потенцијалите во Stronghold: Warlords.
Во драгоцените моменти на мир, го градите вашиот замок од соништата и ги привлекувате селаните со ветувања за исполнителна работа во бројните објекти. И во вакви моменти, спокојот е лизгав и непредвидлив. Имено, за да можете да градите и да ја формирате вашата армија, потребно ви е злато, а за да можете да ги полните вашите резерви потребно е да наметнувате данок. Што повисок данок, меѓутоа, толку понезадоволни селани, особено доколку се празни вашите резерви со храна. Немање висок морал значи празни куќи и недостаток на работна сила за производство на различни добра. Моралот можете да го зголемите со нудење повеќе храна и поставување инспиративни објекти, додека ефикасноста на нивната работа можете да ја зголемите со градење застрашувачки и казнени средства низ градот. Ова, како што набргу ќе забележите е меч со две оштрици и потребно е константно балансирање на механиките.
Поразлично управување со лордови и нови единици
Една работа која се разликува од претходните игри од овој серијал е тоа што можете да регрутирате, надградувате и наредувате на лордови (од тука, патем, доаѓа името Warlords). Секој од лордовите се одликува со уникатни способности кои дополнително можат да бидат надградени. Покрај напади, се охрабрува нивниот допринос кон подобар развој на индустријата, зајакнување на границите, изработка на поквалитетни оружја. Особено нѝ се допаѓа тоа што кога ќе освоите непријателски лорд, дали преку воен напад или дипломатски пат, истиот станува ваш слуга и ви ги дава на располагање сите негови уникатни способности, кои ги активирате откако ќе соберете доволно поени.
Историскиот период во Stronghold: Warlords резултира со интересни воени единици кои се инспирирани од вистински случки и тактики. Покрај нинџи, дисциплинирани самураи и монголски стрелци, пристигнувањето на барутот ги отвора портите и за таканаречените imperial fire lancers, како и инвентивна опрема за опсада. Од десетте вакви уникатни алатки, дефинитивно би ги истакнале огнените волови (fire oxen) кои се опремени со експлозивни буриња и голтаат сè што ќе се осмели да им го попречи патот во огнени јазици.
Долга кампања и вредност на преигрување
Stronghold: Warlords ве пречекува со отворени раце и, доколку ги прифатите, можете да навлезете во релативно долги триесеттина мисии од кампањата, десет skirmish сценарија, деветнаесет мапи за мрежни пресметки, како и добро познатиот Free Build Sandbox за максимално зен опуштање и целосна посвета на спокојно градење.
Структурите кои различно влијаат на моралот на вашите селани дозволуваат одредена слобода при екпериментирање и, во комбинација со уникатните способности на лордовите и бројните мапи за мрежни пресметки, дава одредена вредност на преигрување. Одредени корисници би можеле да бидат разочарани од недостатокот на инвентивни механики, но таквото нешто нам не ни попречи целосно да се препуштиме во играта и да уживаме во најновиот продукт на Firefly Studios.