Речиси е неверојатно, но TikTok, платформа која само до пред неколку години не постоеше денес е на врвот по бројот на посети во 2021 година. Во 2021 го преземаа првото место од Google и се најпосетуван вебсајт оваа година, покажува анализата на податоците на Cloudflare.
Што е TikTok
TikTоk е платформа на која корисниците имаат можност да објавуваат кратки видеа кои неретко се всушност звучно синхронизирани над популарни песни или смешни видеа од други корисници. Има можност за додавање на филтри и различни ефекти кои можат да се искористат на креативен начин. Во почетоците видеа беа во времетраење од 15 секунди, а корисниците имаат можност да спојат 4 видеа до максимално траење од една минута.Платформата започна како Douyin, верзија на Musical.ly за кинески корисници. Bytedance компанијата која денес е сопственик на платформата ја купи Musical.ly и ја реиздаде под ново име заедно со нови алатки за креирање на видео и нови филтри за апликацијата. Оттогаш платформата е во постојан развој. Една од надградбите беше и продолжување на времетраењето на видеата кое сега е 5 минути.
TikTok минатата година беше на седмото место според бројот на посети. За да стигне до врвот сајтот ги прескокна и Facebook, Microsoft, Apple, Netflix и Amazon.
Платформата првпат се најде на првото место на 17 февруари 2021. Оттогаш речиси постојано се во првите три места, иако во зависност од периодот имаше и промени на врвот.

Крај на 2021
- TikTok.com
- Google.com
- Facebook.com
- Microsoft.com
- Apple.com
- Amazon.com
- Netflix.com
- YouTube.com
- Twitter.com
- WhatsApp.com
Крај на 2020
- Google.com
- Facebook.com
- Microsoft.com
- Apple.com
- Netflix.com
- Amazon.com
- TikTok.com
- YouTube.com
- Instagram.com
- Twitter.com
Резултатите според бројот на посети очигледно покажуваат и дека Facebook не е повеќе на врвот кај друштвените мрежи. TikTok го презема и ова место, што со оглед на тоа дека имаат над 1 милијарда активни корисници месечно веројатно не е никакво изненадување. Најголем дел од овие корисници се надвор од САД (во САД TikTok е на 33 место по бројот на посети.) и надвор од Индија, која во целост ја забрани платформата.
Во САД додека актуелен претседател беше Доналд Трамп и за време на заладените односи со Кина, властите се обидоа и да ја забранат популарната кинеска апликација. Еден од предлозите беше да биде пренесен дел од сопственоста за корисниците во САД на некоја американска компанија.
По промената на претседателот одлуката за платформата и натаму не е донесена. Администрацијата на Бајден сè уште решава што да прави со апликацијата. Резултати од овие разгледувања ќе има во следните недели.
Што покажува ова за доминацијата на големите друштвени мрежи и платформи
Промената на врвот отвора повеќе интересни прашања. Ако според бројот на посети платформата е на првото место дали рекламите треба да се префрлат на новиот лидер? Со оглед на тоа дека во САД видео платформата е релативно ниско на листата на најгледани, а и самата цена на „кликовите“ е значително повисока на некои пазари во однос на други, веројатно кај рекламите нема да има сериозно поместување. Секако, огласувачите не можат да ја игнорираат платформата.
Второ интересно прашање е какво влијание ќе има промената на врвот со критиките кој конгресот ги има за начинот на кој функционира Facebook. Во САД последниве неколку години е отворена дебатата и за тоа колку доминацијата која ја имаат големите компании овозможува развој на нови конкуренти.
Facebook до неодамна беше речиси монопол кај друштвените мрежи и најголем дел од законодавците бараа регулирање на платформата. Во 2020 година ова навистина и беше вистина, и тогаш делуваше дека никој нема да може да и се приближи на доминантната друштвена мрежа. Последната година ова секако не е случај, па Facebook сега мора да се задоволи со второто место.
Дали ова ќе можеше да се случи ако TikTok беше американска компанија или ако Facebook не беше под истрага е навистина тешко да се процени. Веројатно самиот податок дека кинеска друштвена мрежа е на врвот ќе го омекне ставот на дел од конгресмените.
Попопуларна не значи и побезбедна
TikTok најмногу го користат деца и тинејџери. Содржината на платформата би требало да биде прилагодена на оваа публика, но за жал не е. Како и на останатите друштвени мрежи може да се пронајде токсична содржина. Без сериозно користење на вештачка интелигенција која ќе ги анализира видеата „прочистувањето“ ќе мора да се прави рачно што барем досега или беше неизводливо или наоѓаше на куп критики.