Тимот на Tundra Esports во кој учествува и најдобриот македонски Dota 2 играч Мартин „Сакса“ Саздов е победник на годинешниот The International кој се одржа во Сингапур. Во финалето Tundra Esport беа подобри од Team Secret. Покрај титулата „Најдобар Dota 2 тим“ освоија парична награда од околу 8,486 милиони US долари. Со ова Сакса шест години по своето прво International финале се враќа со трофејот во „своите раце“.
Покрај Мартин во тимот на Tundra Esports членуваат:
- Оливер „skiter“ Лепко;
- Леон „Nine“ Кирилин;
- Нета „33“ Шапира;
- Ву „SheyKing“ Џинџијунг;
- Куртис „Aui_2000“ Линг.
Tundra Esports беа најдобри на целото натпреварување и во сите фази на финалните натпревари загубија само 4 мапи. Во финалето кое се играше во формат подобар од 5, Team Secret не успеа да победи на ниту една мапа. Две од трите партии завршија за 40 минути, а последната траеше 4 минути подолго. Од другите интересни настани во финалето го издвојуваме и првиот „kill“ кој отиде кај Сакса.
Tundra Esports e професионална е-спорт организација од Обединетото Кралство, лоцирана во Лондон. Dota 2 тимот го основаа во 2021 година со потпишување на членовите на европскиот тим „mudgolems“. Сакса е дел од Tundra Esports од почетокот на оваа година; Во тимот дојде на место на Адриан „Fata“ Тринкс.
Мартин Саздов до оваа година беше првиот македонец кој се натпреварувал во финалето на International, а сега веќе е и првиот кој успеал да го освои. Ова е трет пат Сакса да се најде на најпрестижното Dota 2 натпреварување. Во 2016 со тимот Digital Chaos го освои второто место, а лани со OG заврши седми.
„Сакса“ има 27 години и игра Dota од својата 10-та година. Колкава посветеност е потребна за професионални еспорт натпревари можеби најдобро покажува откажувањето на Сакса од универзитетот за да може во целост да се фокусира на Dota 2.
За среќа ова вроди со плод, па Сакса беше еден од првите играчи кој достигна 8000 MMR ранг (Match Making Rating, практично е мерило за способноста на играчот). Започна во македонскиот тим Global Challengers, за подоцна да се приклучи на 4 Clover & Lepricon и Mamas Boys. Пошироката јавност во Македонија го запозна со Digital Chaos и неговото прво финале на International во 2016 година.
Dota 2 International е еден од најголемите еспорт настани во светот со огромен награден фонд. International се одржува еднаш годишно и е своевидно финале на Dota Pro Circuit. Организатори се Valve и PGL. Оваа година натпреварот се одржа по 11-ти пати, а наградниот фонд достигна речиси 19 милиони долари (18 930 775 долари).








