0 коментари 4 мин. читање 11 март, 2024

The Thaumaturge е комплексна RPG игра со донесување значајни одлуки

Фановите на комплексниот наратив на The Witcher 3 би можеле пријатно да се изненадат од најновата игра на полското студио Fool’s Theory. The Thaumaturge е изометрична RPG игра која го вовлекува играчот во длабока и крајно невообичаена приказна. Во раните години на 20-от век, ќе патувате низ обесхрабрувачката, но апсолутно преубава Варшава и ќе донесувате тешки избори, започнувајќи, притоа, предизвикувачки turn-based битки.

На Steam, The Thaumaturge има 77% позитивни рецензии!

Игра направена од ветерани од индустријата

Ако нешто има The Thaumaturge тоа е душа. Играта се одликува со преубава графика која реалистично ја прикажува Варшава и околината. Подеднакво знаење и труд е вложено и во дизајнирање на ликовите. Како комплексни персони со јасно зацртани ставови, играта често и пријатно ќе ве изненадува во начинот на кој ќе се одвива приказната и како реагираат сите инволвирани.

Виктор Шулски е човек кој има дарба да гледа зад велот на реалноста и да ги припитомува суштествата кои демнеат од другата димензија. Имплементирајќи „покемон“ систем, но од значително помрачен аспект, вие ја имате моќта да ги извлечете, привлечете, а потоа и користите суштествата за разрешавање најразлични предизвици, не само во поглед на битките, туку и во начинот на кој се откриваат тајните кои се длабоко скриени во човечките души.

Како што напоменавме, во The Thaumaturge фокусот е на истражување и приказна. Тоа значи дека често ќе ги впивате преубавите предели на Варшава и ќе разговарате со најразлични ексентрични ликови. Тука и таму, ќе биде потребно и да вршите одредени истраги за да знаете какви прашања да поставите. За време на дијалозите, потребно е и да внимавате што и како ќе кажете и да сте внимателни вашиот одговор да (не) ја дополнително храни вашата суета или слични негативни особини.

Онаму каде зборовите ќе потфрлат, ќе стапат на сила тупаници и активирање на способностите на вашите припитомени суштества, познати како салуторс. Се работи за борбен систем со запазување редови. Мора да признаеме дека не сме големи фанови на овој систем, особено на едни исти анимации кои одново и одново се одигруваа на екранот.

Но, системот знае да понуди одредена длабочина со нудење различни карти од способности и можности за, пример, претходно ослабнување на непријателот, или пак значително посилен удар кој е потпомогнат од некој салутор. Тука е, секако, и системот за надградба кој, со текот на времето, ве прави да сте значително помоќни и да можете да користите импресивен арсенал од способности.

И покрај релативно статичниот борбен систем, The Thaumaturge е игра која вреди да се искуси, особено поради невообичаената приказна, која е успешно потпомогната од квалитетната глума. Од друга страна, болната посвета на детали во комбинација со импресивните технички можности на Unreal Engine 5, допринесуваат до имерзивно визуелно искуство. Во случај да сакате RPG игри во кои приказната и истражувањето се на прв план, а битките на втор, тогаш The Thaumaturge е игра која топло ви ја препорачуваме!

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Fool’s Theory
  • Издава: 11 bit studios
  • Жанр: RPG игра, turn-based
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезе на: 4 март 2024
Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top