Covid-19 пандемијата покрај изобличување на начинот на живеење, имаше и огромен ефект врз глобалната економија – особено ако се земе предвид транспортниот сектор во кој последиците од пандемијата можно е да бидат можеби најголеми во историјата на секторот.
Со префрлање на производствените капацитети во Кина, глобалната економија стана зависна од случувањата во оваа земја, па така и еден локален проблем во Кина значи сериозен проблем за дистрибуција на добра ширум светот. На пример, тестирање на новиот протокол во случај на пандемија, минатата недела го затвори Шангај, а со тоа и пристаништето кое е лоцирано во градот од кое се испраќаат најмногу контејнери со производи, но и третиот најголем аеродром во светот.
Тестот требаше да покаже дали протоколите се доволни за пристапот за нулта толеранција за Covid-19 или можна некоја друга слична варијанта или зараза од тој тип. Во период на тестот сите работат од дома, јавниот транспорт е запрен, а самиот тест е поделен на две фази. Во првата фаза од понеделник до петок ќе биде затворена источната половина на градот, додека од петок до 5-ти април започнува втората фаза во која ќе биде затворен западниот дел на Шангај.
Поморскиот транспорт од Шангај продолжува и за време на целосното затворање на градот. Сепак она што ќе ги забави испораките е транспортот со камиони. Поради затворањето, транспортот ќе продолжи со 30% од нормалниот капацитет. Со затворањето ќе биде запрена и работата на магацините, што дополнително ја усложнува целата ситуација, пишува Shipping and Freight Resource. Поради доцнење на нарачките и недостигот на возачи во Шенжен – најголемиот производствен центар на југот на Кина, товарниот транспорт поскапи 300%. Како последица на ова најголемите пристаништа на светот сега се зафатени со доцнење, а транспортните бродови со денови чекаат да дојдат на ред.
Ова е доволен проблем за светската испорака, но за жал проблемите не завршуваат тука. Голем дел од транспортот помеѓу Кина и Европа е со железнички сообраќај. Милиони контејнери се превезуваа од Кина во Европа, преку Русија. Поради санкциите кон Русија сега и овој сообраќај е пренасочен, и робата се транспортира по воден пат. Ова дополнително ги оптоварува пристаништата, па глобалниот метеж на пристаништа сега е на рекордно високо ниво од 14,1% од вкупната флота на 20 март.
Проблемите кои ќе настанат од сегашната состојба ги разгледува и вештачката интелигенција. Аналитичарите од Everstream кои за анализа користат машинско учење проценија дека еднонеделното затворање на Шангај ќе има ист ефект како и еднонеделното затворање на Суецкиот канал во март 2021 година.
Дополнителен проблем кој не е поврзан со испораката е запирањето на производството на сирови материјали во Украина. Руската инвазија го запре извозот на никел, алуминиум, неон, пченица, сончоглед… Фабриките за производство на кабли од Украина не испорачуваат на производителите на возила во Европа, пишува Wired. Покрај недостатокот на полуспроводници ова е уште еден предизвик за европските производители на автомобили.
Како проблемите со испораката ќе влијаат на ИТ секторот?
Со оглед на тоа дека Кина е еден од најголемите производители и извозници на: електрична опрема, електрични машини, мебел, пластика, оптичка, техничка опрема и медицински апарати, возила, текстил, играчки, полупроизводи од железо и челик влијание ќе има на секој сектор.
За пример во 2020 година во Кина се произведени и извезени опрема за телефони вклучувајќи и паметни телефони во вредност од 223 милијарди долари; компјутери и оптички читачи (170 милијарди долари); интегрирани кола (117 милијарди долари); сијалици и осветлување (37 милијарди долари); телевизори, монитори, проектори (31 милијарда долари); компјутерски делови (31,5 милијарди долари).
Доцнењето на испораките без сомневање ќе доведе до повисока цена на сите производи до конечното надминување на проблемите со испораките.
Едно потенцијално решение за производителите е диверзификација на регионите од кои прават набавки. Наместо едно место, решението е во увоз на производи од повеќе локации. Ова е потенцијално решение на проблемот, но во некои случаи во кој најголем дел од суровините доаѓаат од една локација речиси и нема едноставен начин за надминување на проблемот.