Често се случува да играте најразлични компјутерски игри, но и да посакувате да можете и вие да направите една. Таквото нешто знае да биде исклучително тешко, особено доколку немате претходни познавања или талент во соодветни области кои се клучни за оваа форма на интерактивна забава.
GameGuru MAX е софтверски пакет кој ви дава на располагање корисни алатки со кои можете да создавате најразлични дигитални светови на едноставен, брз и лесен начин – без да имате претходни познавања во кодирање и создавање асети.
Моментно, GameGuru MAX е дел од раниот пристап на Steam, но веќе може да се пофали со интересни опции за создавање забавни FPS игри.
Откако ќе одлучите каква игра сакате да направите, можете да создадете најразлични отворени светови преку Terrain Generator. Преку оваа алатка, можете автоматски да создадете светови според параметри и бајоми засновани на случаен избор, или пак вие да ги засукате ракавите и да го направите светот што отсекогаш сте го сакале.
Преку Level Editor-от го пополнувате светот со најразлични тродимензионални објекти, ликови, како и гејмплеј елементи. За ваквото нешто дефинитивно помага библиотеката со предмети, во која можете да најдете илјадници тродимензионални објекти.
За пофалба се и таканаречените Еnvironment контроли преку имате целосна контрола врз околината и временските услови, почнувајќи со најразлични терени и водени површини, движејќи се преку прилагодувања за небото, дрвјата, и вегетацијата и завршувајќи со различни временски периоди во денот.
Storyboard Editor ќе ви дозволи да поставувате и да ги подредувате мапите во една целина, а Character Creator ви дозволува да создадете најразлични ликови.Нормално, доколку не сакате да зависите само од објектите кои можат да се најдат во GameGuru MAX, преку Model Importer можете да внетнувате надворешни 3D модели, на кои сте работеле вие или некој друг.
Најголемите потенцијали во GameGuru MAX лежат во FPS игрите, но тимот веќе планира да ги реализира нивните амбиции и за создавање игри во други жанрови, како RPG и игри со загатки.
Нашата интеракција во GameGuru MAX беше флуидна, забавна и впечатлива. Но, мора да потенцираме дека не е се така едноставно како авторите би сакале да помислите и потребна е одредена временска инвестиција и нерви за да можете да произлезете со интересна „игра“.
Би можеле да помислите дека GameGuru MAX не е ништо повеќе од прославен level editor извлечен од некоја ААА игра, но работите не би можеле да бидат поразлични. Студиото TheGameCreators даваат исклучително моќни алатки кои се способни за големи работи, особено кога ќе се земе во предвид дека целосните потенцијали допрва ќе се прошируваат.