Технологијата за препознавање на ликови можеби ќе и помогне полицијата, но која е цената која ќе ја платиме?

Препознавањето на ликови е една од технологиите за чија злоупотреба во последно време се зборува многу. Можноста за следење на сите граѓани без налог секако е застрашувачка. Дел од организациите за заштита на приватноста со право предупредуваат на можни злоупотреби.

Ако мислите дека ова е некоја далечна иднина, размислете повторно. Неодамна благодарение токму на оваа технологија кинеската полиција успеа да пронајде бегалец помеѓу 60.000 луѓе на концерт. Ова се случи пред само еден месец, а полицијата со помош од вештачката интелигенција го уапси бегалецот. Вештачката интелигенција го препозна 31 годишниот престапник, иако беше 100 километри од градот во кој живее.

Дека не станува збор единствено за Кина покажува и примерот со Орегон и Флорида. Полицијата купува технологија за препознавање на ликови, и тоа овој пат тоа не е некоја малечка компанија, туку Amazon. Компанијата им ја продала својата услуга на полицајците во Орландо, Флорида и на полицијата од Вашингтон, Орегон. Amazon има база на фотографии со десетици милиони ликови, пишува Cnet. Технологијата се користи на пример за пронаоѓање на загубени деца во забавни паркови или продавници, или како дополнителен систем за безбедност на јавни настани. На ваква употреба бевме сведоци неодамна, на кралската свадба во Англија.

Самата примена на технологијата можеби и не е спорна, но мора да се внимава да не се преминат некои граници. Electronic Frontier Foundation и Human Rights Watch ја изразија својата загриженост за охрабрувањето на Amazon, властите да ја користат технологијата за следење осомничени.

„Препознавањето на ликови на Amazon е совршено за злоупотреба во раце на властите. Производот претставува сериозна закана за заедниците, вклучувајќи ги луѓето со различна боја на кожата и имигрантите. Но, производот е закана и за довербата и почитта која ја има изградено Amazon“, велат од  Electronic Frontier Foundation и Human Rights Watch.

Сепак, полицијата нема помош единствено со препознавање на ликовите. Холандската полиција користи вештачка интелигенција за решавање на случаите, но друг тип на технологија. За почеток, полицијата доби апликација која им помогна да ги стандардизираат прашањата. Потоа со овие прашалници отидоа во затворите и започнаа да комуницираат со затворениците за оние случаи за кои немало решение.

Ова го правеа со надеж дека ќе добијат некаков нов податок за случаи стари повеќе години. Ова и се случи. Добија 78 нови податоци кои помогнаа да напредуваат во 7 случаи. Но, тука не завршува приказната. Од десетиците илјади отворени случаи не е едноставно да се пронајдат оние кои може да се решат. Тука на помош доаѓа вештачката интелигенција. Машините прават форензичко скенирање на податоците при самото дигитализирање на случаите. Потоа алгоритамот излегува со анализа и веројатност дека ќе биде решен случајот. Ако оценката е мала, нема потреба од расфрлање со и онака ограничените ресурси. Ако изгледите се поголеми, случајот може и да биде отворен. Засега машините се обидуваат да прогнозираат дали има можност за евентуални ДНК докази во случајот.

Иако засега оваа технологија се користи за прогноза на постари случаи, во иднина вештачката интелигенција ќе се користи и на нови случаи. Ќе помогне со предлози за тоа кои траги треба да се следат, за поголеми шанси за решавање на случаите, но и за подобро распределување на луѓето.

Кога вештачката интелигенција е во прашање за жал, не секогаш е лесно да се согледа поврзувањата кои ги прави. Така иако можеби и ќе покажува во вистинската насока, не секогаш може да се претпостави зошто. Дополнително, овие показатели најверојатно долго време нема да може да се користат како докази.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments