Дали некогаш сте помислиле на берзата како на симфонија? Токму вака ја замислуваат Игор Јовчевски, Александар Трпески и Никола Миноски развивачи на платформата Sound of Markets.
„Sound of Markets е прва платформа што овозможува слушање на market data. На некој начин како музика“, вели основачот и iOS девелопер, Игор Јовчевски. „Апликацијата е бесплатна зa 3 берзи, а со претплата се отклучуваат повеќе“.
Sound of Market овозможува претставување на податоците кои доаѓаат од берзата како звук, можеби дури и музика. Ова значително би можело да им помогне на брокерите кои работат на берза, секако доколку се навикнат дека наместо на екран со табели и графици податоците од берзата им стигнуваат преку слушалки. Податоците до корисникот доаѓаат преку iOS апликација.
Она што го прави апликацијата e прилично софистицирано претставување на случувањата и трендовите на берзата преку музика и тонови. Најпрво од повеќе канали се собираат податоци. Овие податоци се анализираат и се креира стрим музички ноти. Овој стрим се препраќа до корисниците кои ги слушаат каналите.
Ова е една од ретките апликации направени во Македонија која воопшто се осмелува да експериментира. На девелоперите на оваа платформа не им недостасува храброст и тоа е навистина пријатно „изненадување“.
„Sound of Market е основана со убедување дека луѓето во основа имаат проблем да се фокусираат на графици и визуелизации истовремено. Нормализирањето на податоците од пазарот како звук и хармонична музика ќе им овозможи на брокерите да да го следат пазарите подобро отколку black-box machine брокерите“
Целата технологија зад апликацијата е развиена во Македонија и патентирана во Patent Office UK.
Засега апликацијата е достапна на iOS, но г. Јовчевски се надева дека наскоро ќе излезе и Android верзијата. Ако ви се допаѓа идејата може да ја помогнете идејата со коментари и оценки за апликацијата. Ова на развивачите ќе им помогне за поголема видливост на App Store, но секако може да оставите некоја идеја со која апликацијата би ви била покорисна.