Неодамна, мега-популарната Fortnite се здоби со три дополнителни режими. Еден од режимите, Fortnite Festival ви дозволува да „свирите“ или „пеете“ одредени песни така што темпирате претискање одредени копчиња во одреден момент од времето.
Чедото на Second Impact Games – Super Crazy Rhythm Castle – ja содржи истата основна форма, но, за разлика од Fortnite Festivals, се работи за крајно комплексен проект со еден куп механики кои се испреплетуваат со основната. Како резултат, добивате нескротлива и крајно-забавна авантура чии силни темели се засноваат на ритам, загатки и заедничка соработка.
Во ритам на музиката!
Светот во Super Crazy Rhythm Castle не би можел да биде пооткачен и понепредвидлив. Преку целосно ослободување на креативноста и имагинацијата, ќе посетите крајно невообичаени, но впечатливо дизајнирани места кои пркосат и на логиката и на бројните физички закони. Откачениот замок е полн со скриени тајни, а бројните харизматични ликови ќе пробаат да ве освојат со нивните симпатични навики и аспирации.
Вашата цел ќе биде да ги исполните сите каприци на кралот Фердинанд и да ставите крај на неговите предизвици преку отклучување соби, танцување како да ќе нема утре и решавање загатки. Играта почнува релативно едноставно, каде е потребно во ритамот на песните да претискате одредени копчиња во даден момент. Доколку имате добри рефлекси и претиснете кога симболот ќе биде во соодветната зона, песната се одвива непречено и собирате поени, кои, пак, водат кон освојување на една, две или три ѕвездички. Доколку промашите некој симбол, односно претискање на соодветно копче, ќе чуете мал звук кој суптилно ќе ја наруши мелодијата.
Како поминува времето, така се повеќе и повеќе се експериментира со оваа основна формула. Во некои соби, ќе биде потребно малку да „свирите“, а потоа да собирате злато, а да избегнувате непотребни работи. Во една друга соба, ќе биде потребно малку да танцувате, малку да користите оружје за да се уништат препреките, па малку да танцувате, и на крај да активирате топови кои ќе го уништат босот. Ритамот, односно симболите доаѓаат од најразлични правци и потребно е да сте сконцентрирани и спремни за бројните непредвидливи изненадувања.
Сево ова допринесува до крајно откачена забава која, мораме да потенцираме, е крајно позабавна доколку имате другарче со вас. Иако играта може да се игра соло, бројните соби, механики и предизвици се осмислени за заедничко совладување. Доколку сте сами, во одредени соби ќе ви биде доделено другарче кое се контролира од вештачката интелигенција, а во одредени други соби, вие ќе скокате од една до друга операција, со што, иако забавно, сепак се нарушува клучната идеја која стои зад играта – заедничко играње.
Во Super Crazy Rhythm Castle на располагање имате над 30 уникатни и крајно забавни песни, кои скокаат низ различни жанрови, од рок, преку хип-хоп, па сѐ до дапстеп. Покрај забавните механики и симпатичната графика и анимации, музиката е најсветлата точка. Овие три клучни елементи (анимација, механики и музика) одлично се надополнуват една со друга и допринесуваат кон значително повисока интерактивна форма на забава. На вас останува само да најдете некого за заедничко навлегување во супер лудиот ритмички замок!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Second Impact Games
- Издава: KONAMI
- Жанр: авантура, музика, ритам, загатки
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 14 ноември 2023