При играње мрежни игри често се случува страстите да ве понесат и да се развикате или гласно да комуницирате со останатите членови од тимот. Ова знае да биде проблем за сите останати кои не играат, а се во ваша непосредна близина.
Mutalk, верувале или не, е „решение“ кое би требало да стави крај на вашето пречење врз најблиските и комшиите. Се работи за блутут микрофор кој се поставува преку вашите усни и ја намалува гласноста до 20dB доколку зборувате нормално и до 30dB доколку почнете да врескате како да е крај на светот. Како што ќе видите од видеото, пак се слуша, но е значително намалено.
Велиме „решение“ затоа што исклучително сме скептични за комерцијалниот успех на направата. Имено, кога играте, играте за да се опуштите, а ставање толкава направа врз вашите усни, придржувана од појаси кои одат околу вашата глава не е наша идеја за добра забава. Сигурни сме дека до одредена мера би можеле да се навикнете на ваквото нешто, но не и при подолга употреба. Па така, многумина корисници би решиле потивко да зборуваат отколку да ставаат еден вид модернизирани узди. Но, од друга страна, Mutalk може да помогне кога имате важен состанок на јавно место и не сакате некој околу вас да чуе што зборувате (читањето усни како во шпионските филмови исто така откаѓа од равенката). Дополнително, доколку се грижите за детенце на кое му треба мир и тишина, оваа, пак, знае да помогне.
И покрај ова, јапонската компанија Shiftall мора да има одредена верба во продуктот затоа што не се работи за почетници. Имено, компанијата постои добри четири години и своето искуство го темели врз најразлични апарати за домаќинство како дел од групата компании на Panasonic. Според компанијата направата не пречи по одредено првично навикнување затоа што има две јастучиња кои се поставуваат врз лицето и ја впиваат потта. Паралелно со ова, направата тежи само 181 грам и, според нив, не би требало премногу да пречи при употребата.
На крај се се сведува на тоа дали имате реална потреба од направата, особено кога ќе земете во предвид дека Mutalk ќе чини околу 12000 денари кога ќе се појави на пазарот годинава.