(Oва е гостински пост на Нина Николиќ, стартап ентузијаст и автор на новиот блог #StartupSelfie, во кој објавува интервјуа со регионални стартапи)
Оваа година, за прв пат имав можност да патувам во Финска. Бев толку многу возбудена да научам повеќе за оваа скандинавска земја, да се запознам со нивната култура, да сретнам нови луѓе и, секако, да ја истражам нивната стартап сцена. Има едно место што мора да го посетите во Хелсинки, но за тоа во некој нареден мој блог пост…
Сега, би сакала да ве претставам со првиот стартап ентузијаст кој го сретнав во Хелсинки, и кој го запознав преку еден мој драг пријател. Запознајте се со Питер Синан, Англичанец кој живее во Финска (поради љубовни и животни случајности). Во моментот работи во одделот за комуникации и развој во стартап наречен Leadfeeder, што од неодамна се наоѓа на листа на фински стартапи кои мора да се следат во 2016. Седнавме во убав и удобен бар блиску до Market Square и првото нешто што го прашав беше како може странец да се приклучи на стартап сцената во Финска.
„Сѐ започна во 2011 кога бев вклучен во програма за социјално претприемништво, проект што беше поддржан од British Council. Ова беше прво мое искуство со стартапи и, општо со претприемништвото, и треба да спомнам дека држевме тренинзи и во Македонија и Естонија, што беше навистина одлично искуство. За да се вклучиш во стартап сцената тука, како странец, навистина не е толку тешко, можеби имаше малку среќа што се вклучив во Leadfeeder, шест месеци пред да биде стартуван. Сега сум среќен што сум дел од стартап кој го таргетира B2B светот така што им помага на компаниите да го разберат подобро однесувањето на посетителите на нивните сајтови, и како да користат информации за да го претворат потенцијалниот посетител во клиент, и што сега се прошируваме на интернационален пазар. Но, исто сум среќен со мојата улога во стартапот, бидејќи покрај тоа што го работам за комуникации и бизнис развојот, сум и човекот кој „пичува“ на различни настани бидејќи се чувствувам опуштено кога сум пред публика“, вели Питер.
Иако финскиот стартап еко-систем е со светлосни години понапред од сцената од која доаѓам, според бројни факти, го прашав Питер зошто ја одбра Финска како дестинација за работа и живот.
„Многу странци доаѓаат во Финска и верувајте ми, не е заради времето. :) Половина од мојот тим се странци. Навистина е кул да можете да живеете во град во кој сакате да живеете, и како бонус да бидете дел од стартап каде е малку подинамично од вообичаеното. Навистина е предизвик, но во исто време е и забавно да се обидувате да најдете кул начини за да го оптимизирате најдоброто секој ден. Koга си вклучен во стартап заедницата, тоа ти дава шанса да останеш тука подолго време. Во Финска е многу важно да се претставиш пред другите луѓе од твоето поле на интерес и да работиш на твојот личен бренд. Искуството до сега, ме научи дека кога стартуваш стартап во регионов треба да го изградиш што е можно побрзо, и тоа се постигнува преку партнерството. Сакаме да бидеме успешни глобално, бидејќи да бидам искрен, никој не стартува бизнис за да биде успешен само во Финска“, вели Питер.
Ова беше навистина беше добар разговор за стартапите во не-толку-сончевиот Хелсинки. Кул факт: заборавивме да направиме селфи, бидејќи брзав да стигнам на друг состанок, така што ова е едно селфи по пат, директно од трамвајот #3. Му посакувам на Питер и на целиот Leadfeeder тим уште поголеми успеси во новата 2016-та. Ќе следат уште #StartupSelfie постови што доаѓаат од Финска…
[…] претходното #StartupSelfie зборувавме како е да бидеш странец во Финска. Во ова, […]