Стартап на месецот: Како Vidict ги решава најгорливите проблеми на видео стримингот

Startup Macedonia

Текстот е дел од иницијативата “.mk стартап на месецот” нa IT.mk и Startup Macedonia во кој профилираме по еден .мк стартап на пат кон успехот.

.мк стартап на месецот [јуни, 2024]:

Што е Vidict?

Кованица од зборовите video и addict, Vidict e софтверска компанија која изработува софтвер за пренос на видеата преку интернет, и на своите клиенти им овозможува да заштедат на хостирање преку користењето на peer-to-peer технологија.

За Перо Ѓузелов, видеото отсекогаш преставувало хоби и нешто со тој го пополнува своето слободно време. Доаѓајќи од ИТ сферата и имајќи долгогодишно искуство во работата со разни ИТ и телекомуникациски компании како софтверски инжинер, во 2017-та тој конечно се решава хобито да го претвори во нешто профитабилно и да ја основа Vidict Media Server. 

Целото патување, пак, започнува од еден клиент кој го убедува да го направи следниот чекор и да влезе во претприемничките води. Па така, тој ја напушта тогашната работа во една локална ИТ компанија, и целосно се посветува на градење на првиот продукт.

Перо Ѓузелов

“До тој момент видеото ми беше хоби, а првиот проект што го работев за странски клиент беше поврзан со видео мејл, за еден клиент од Канада. Тој сакаше да испраќа персонализирани пораки со снимање на видео, што беше доста интересно, а тогаш се запознав и со видео стримингот. Тогаш ми се роди и желбата да имам ваков софтвер бидејќи сфатив дека ова е нешто што ќе се користи во иднина,“ раскажува Ѓузелов.

Почетоците биле тешки како што вели самиот тој, иако не бил целосно подготвен за отворање на сопствена компанија, сепак ова му ги отворило видиците за понатаму.

Клиентите тогаш користеа друг вид на софтвер за видео стриминг и плаќаа доста голема цена за тој продукт – па така ги прашав дали ако направам нешто слично тие би дошле кај мене. Почнав сам, заменив сервери, и немавме главен сервер којшто ќе ја прави главната видео конверзија и од таму почнавме – во 2017 ја отворивме компанијата. Со тек на време остварвиме и други продукти со кои се гордееме, а сега почнуваме да инвестираме и во нови продукти со користењето на вештачка интелигенција,“ додава Ѓузелов. 

Првите неколку години поминуваат во градење на продуктот Vidict Peer, кој решава еден од најголемите проблеми, а тоа е како да се заштеди на хостирањето видеа преку користењето на ваквата технологија. 

“Кога некој настан е следен од многу корисници на еден стрим, има загушување на мрежата. Во тоа време мојот клиент имаше поголем интерент трафик отколку целиот Балкан, односно во доста голем обем. За да го решам тој проблем почнавме со peer-to-peer стриминг, и идејата и познавањето ни беа во оваа сфера. Во 2017 го почнавме развојот преку интернет пребарувачите, а веќе во 2019 комерцијално се користеше продуктот и имавме веќе 12 клиенти – па така започна приказната за Vidict Peer,“ раскажува Ѓузелов.

Како што потенцира, она што било неопходно во тој период е постојано да се надоградува и да учи нови работи кои ќе ја носат компанијата напред – без притоа да почувствува страв, или како што вели, “стравот е нешто што доаѓа отпосле“. 

“Кај мене стравот доаѓа отпосле, односно на почетокот влегов храбро и после се соочуваме со предизвиците – стравот ограничува и секогаш се обидувам да го тргнам настрана,“ додава тој.

Додека првите три години за компанијата течат многу подобро од очекуваното, посериозните предизвици доаѓаат со КОВИД-19 пандемијата

“Сите клиенти беа поврзани со спортски настани, и кога почна КОВИД пандемијата во 2020-та, Vidict остана без приливи едно добри шест месеци. Кога имаше настани самите влади дозволуваа тие настани да одат на националните телевизии за луѓето да не се собираат,“ вели тој. 

Сето ова се одразува и врз самиот тим, кој драстично се намалува во тој период. Од пет вработени, тимот се сведува на двајца, а покрај Ѓузелов, тука е и Анастасија Николовска, која како студент станува дел од тимот и е одговорна за делот со машинското учење во технологијата на компанијата. Николовска денес и е ко-сопственик на компанијата и игра значителна улога во нејзиниот развој. 

Времето на КОВИД-от беше време на преживување и како што велат, човек гледа колку е моќен кога ќе дојдат тешките денови. Баравме клиенти, се фокусиравме регионално, имавме проекти во Косово, и уште неколку различни платформи. Имавме и еден проект со ФИТР, телемониторинг проект наречен “Мој виртуелен доктор“, но не беше усвоен од “Мој термин“ и не беше пуштен во јавност. Сепак, успеавме да ја пребродиме таа криза, од пет вработени дојдовме на двајца, за сега повторно да го прошириме тимот. Предизвици секогаш ќе има и битно е како ние ќе се справиме со нив,“ се присетува Ѓузелов. 

Денес, еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат Ѓузелов и Vidict е во наоѓањето клиенти. 

“Ова е најтешкиот дел – најпрво клиентите сами доаѓаа кај мене, но потоа беше потребно да најдеме и друг пристап за ова, со cold calling, lead generation итн. Истовремено, пак, квалитетот мора да збори за компанијата, бидејќи луѓето не се врзуваат за името на компанијата или брендот, туку пред се за вредноста што ја носи тој продукт. А ние имавме доста добар продукт, стриминг што беше евтин за разлика од другите стриминг решенија, и беше доста едноставен за користење,“ потенцира Ѓузелов. 

Понатаму, тука се и техничките предизвици со кои тие се соочуваат на дневно ниво

“Еден од големите предизвици е кога доаѓаат многу корисници наеднаш и сме имале по 30 илјади побарувања за видео во секунда, но софтверот успеал да се справи со тоа. Предизвици настануваат и кога главните сервери паѓаат поради различни причини и тука се губи доста време,“ вели тој.

Според него, развојот на секоја компанија зависи од од тоа колку е квалитетен самиот продукт. “На почетокот моравме и да одбиваме клиенти за да го задржиме квалитет на она што го правев, немав време и затоа се решив да дадам отказ и да почнам да работам на продуктот,“ вели тој, додавајќи дека денес и самиот често се вклучува кога е потребно да се затвори некоја зделка и да биде дел од целиот процес на продажба. 

Тука, пак, се јавува и еден од поголемите проблеми со кои се соочува ИТ заедницата во Македонија, а тоа се предиспозициите и менталитетот за правење на продажба.

“Во Македонија и регионот има доста добар кадар и јас имам начело дека од секој вработен може да се извади максимум ако се има добар менаџмент и добра мотивација. Но во некои гранки, како што е на пример продажба, има голем недостаток од кадар и го немаме она што е потребно за да се има еден таков менталитет. Технички пак, воопшто нема недостаток и сум имал пример каде што со добра мотивација ќе направите одлични професионалци,“ додава Ѓузелов. 

Софтверот на Vidict, пак, носи настани до милијарди од гледачи. Но, за компанијата да може да граби кон нови успеси потребна е поголема поддршка, како во вид на нови инвестиции, така и во форма на кадар кој ќе придонесува за нови решенија.

“Во 2023, за време на светското првенство во крикет имавме блиску милијарда гледачи кои гледаа видео доставено со помош на технологијата на Vidict.  Сепак сме бутстрап компанија и тоа не прави ранливи на разните бранувања како што беа пандемијата, бројот на клиентите итн,“ вели Ѓузелов.

Како што објаснува, неговата желба е да го насочи младиот кадар во оние води каде што е неговото техничко искуство.

“Да можат да научат како да применуваат и вештачка интелигенција и слични технологии. Нашиот натамошен развој исто така многу зависи и од тоа дали ќе најдеме стратешки партнер, на пример како телеком компании итн,  и во моментот сме во потрага по ова. Другата идеја е да дојдеме и до една инвестиција која ќе го поддржи ова и ќе ни овозможи да се бориме со големите играчи – нешто со кое ќе се гордее и целата држава,“ потенцира тој.

Досега, помошта којашто ја имаат добиено од домашните институции како што се ФИТР се покажала како доста корисна.

ФИТР доста помогна, бевме грантисти 2016 година, и тогаш имав визија дека ќе имам продукт, но ја немав формата па во тој момент ФИТР помогна да ја добие таа форма за Vidict. ФИТР тогаш имаше предавачи од странство кои ни помогнаа за да ја осмислиме стратегијата, и доста помогнаа во оформувањето како стартап,“ раскажува Ѓузелов.

Но сепак она што недостига е поголема иницијатива за да се поттикне развојот на македонскиот стартап екосистем.

“Во Франција или западните земји, има огромна поддршка за стартапите – од логистика за да присуствуваат на настани па се до се останато, а за ваков маркетинг таквите саеми и конференции се од огромно значење. Ова го увидовме и преку учеството на Веб Самит, каде остваривме и контакти со потенцијални клиенти како што на пример е Боинг. И кај нас државата помага, тука е ФИТР на пример, но кога се во прашање ваквите настани, каде што може да се направат контакти и идеи, тука таа поддршка затајува,“ потенцира Ѓузелов.

Во поглед пак на нивните идни планови, компанијата постојано работи на нови продукти за надминување на предизвиците со кои се соочуваат нивните клиенти, а за ова тие се насочуваат и кон се поголема употреба на вештачката интелигенција.

“Во 2022 и 2023 се вративме на голема врата и со нови продукти, а поврзани со квалитетот на видеата – па така тука е нашиот нов продукт Vision Boost, кој за едно скалило го зголемува квалитет на стримот со помош на AI алгоритми и модели. За подобрување на таквиот квалитет за едно скалило се потребни од 30 минути до 1 час, а ние тоа го правиме on the fly, односно додека тече настанот во живо,“ вели Ѓузелов.

Неговиот совет за идните македонски претприемачи? Да не се плашат и да добро да се подготват.

“Советот е младите да не се плашат, технички да се подготват, да не размислуваат колку пари ќе заработат, туку да имаат желба за да успејат на светско ниво. Да не размислуваат локално туку глобално, да сакаат да бидат следните Стив Џобс и Илон Маск.“ порачува Ѓузелов.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk