Green Light е една година стар производ на Google со кој компанијата помага да се оптимизира сообраќајот и да се намали загадувањето. Технологијата треба да овозможи креирање на „зелен бран“ со кој ќе се спречи застојот во сообраќајот и ќе се намали испуштањето на гасови на раскрсниците.
Во општ случај загадувањето предизвикано од сообраќај е 29 пати повисоко на раскрсниците отколку на отворен пат. Најголема причина за зголеменото загадување на раскрсниците е забрзувањето по запирањето. Секако, некакво запирање на раскрсниците мора да има, а она што го овозможува Green Light е оптимизирање на сообраќајот за намалување на емисијата на стакленички гасови. Оптимизирањето се прави со координација на раскрсниците и усогласување на времето кај семафорите. Во моментов технологијата е во тест фаза и ја користат 14 градови.
Дел од градовите со кои соработува тимот на Green Light се: Сиетл, Рио де Жанерио, Хамбург, Бангалор, Хајдерабад, Хаифа, Будимпешта, Калкута, Абу Даби, Манчестер, Бали и Џакарта. Во моментов се надгледуваат и оптимизираат над 70 раскрсници. Првите тестови ветуваат намалување на запирањата за 30 отсто и намалување на емисијата на гасови за 10%.
Добра вест е дека градовите не треба дополнително да инвестираат и Green Light може да се користи со постоечката опрема.
Како функционира Green Light
Токму ова е најголема предност на технологијата. Наместо инсталирање на скапи сензори на секоја раскрсница, Green Light ги користи сензорите на возилата, но и паметните телефони кои имаат апликации за навигација. По анализа на овие податоци се изработува предлог за промена на времето на светлосната сигнализација за различни раскрсници, во различни периоди од денот.
Пред овој проект постоеја две решенија. Првото – инсталација на скапа опрема со која ќе се следи сообраќајот, и второто – рачно броење на возилата на раскрсниците. По ова, со помош на софтвер за моделирање на сообраќај се изработуваше ново решение. Поради цената која е проценета на 5000 долари за секоја раскрсница најголем дел од раскрсниците работат како пред 30 години.
Наместо ова Green Light собира податоци од сензорите и наеднаш анализира илјадници раскрсници истовремено. Google во системот ги користи податоците од Google Maps, но ова не е единствено решение. Истражувачите од Универзитетот Мичиген користат податоци од возилата на General Motors.
Идеално решение би било некое, кое динамички постојано ја следи состојбата, и се адаптира, но ова ниту е практично ниту е евтино. Наместо ова, во употреба е распоред на различни шаблони кои се користат во случај на гужва, или кога нема сообраќај. Она што го овозможуваат паметните системи е анализа и прилагодување на работата на семафорите кога тоа е потребно. Понекогаш додавањето на неколку секунди „зелено светло“ на една раскрсница може да има значително влијание на намалување на гужвата во сообраќајот, а со тоа и на загадувањето.
Градовите кои влегуваат во Green Light програмата „добиваат“ командна табла на која може да отчитаат кои се препораките на Google за времето за секоја раскрсница. Системот истовремено ја покажува и прогнозата за тоа како ќе се промени сообраќајот по корекциите.
„Во Сиетл, податоците на „Green Light“ ги убедија сообраќајните планери да го ажурираат времето на светлата на пет раскрсници, почнувајќи од јуни 2022 година. По последователната анализа, планерите ги задржаа тие корекции на четири од раскрсниците. Градот продолжува да го користи системот заедно со традиционалните методи, а планерите веруваат дека има потенцијал да заштеди пари во иднина.“ вели портпаролот на одделот за транспорт на Сиетл за Wall Street Journal.
Сообраќајот не е главна причина за загадувањето во Скопје
За жал користењето на ова решение нема многу да помогне за намалување на загадувањето кај нас. Сообраќајот не е главен загадувач во Македонија. На пример во Скопје загадувањето кое доаѓа од сообраќајот е на трето место со нешто под 10 отсто од вкупното загадување. Индустријата и домаќинствата се далеку над ова, па барем засега, фокусот треба да биде на намалување на овие причинители.
„Загадувањето од автомобили во Скопје е најниско од 3-те главни извори (индустрија и домаќинства се далеку пред тоа) и е фокусирано околу булеварите, а придонесува нешто под 10% од целосното загадување во градот. Затоа и нема некој голем акцент ставено врз вакво решение во Скопје. Како град кој примарно треба да се бори со индустријата и загревањето, а во исто време со одржив јавен транспорт, немало досега интерес за имплементација на ваков систем. А искрено според ИТ проектите што јас се имам обидено да ги имплементирам во градот, нема да имаме ни голема техничка можност тоа да го изведеме. “, вели Горјан Јовановски соосновач на EarthCare.ai и советник во град Скопје.