Среќен прв роденден Факултети.мк!

во Интервјуа, ИТ.МК

Стартуваше како форум за студенти, па потоа се реконструираше во портал со информации за факултетите, и за само една година Факултети.мк успеа да стане еден од најпопуларните дестинации за студентите со околу 30.000 дневни посети, и околу 62.000 Facebook фанови. Марјан Алексовски, дел од тимот зад Факултети.мк, вели дека на почеток си поставиле поскромни оптимистички очекувања, но успехот и поддршката на порталот ги надмина за многу брзо време.

„Уште од самиот почеток имавме некои очекувања, поскромни, но не очекувавме дека ќе наидеме на толку голема поддршка од страна на студентите. Започнавме оптимистички, вложивме премногу труд, работевме деноноќно и стигнавме до таму каде што сме денес“

Што се случи со форумот? Сега е недостапен. Дали можеби друштвените мрежи и порталот се доволно добри алатки за споделување на содржина?

Токму така. Се започна од Форумот и идејата за споделување на корисни информации за студентите. Оттука произлезе и нашиот слоган „сподели знаење, сподели информација”. На почеток, форумот беше голем предизвик, се регистрираа нови членови, се разменуваа информации, најразлични постови, го водевме се до моментот кога “падна” одлука да создадеме прв студентски портал и сите дотогашните фанови да ги пренасочиме на него. Видовме дека порталот е тоа кон што треба да се фокусираме и со негова помош да го изградиме нашиот бренд. Првите неколку месеци ги водевме и двете работи паралелно, порталот заедно со форумот. Како изминуваше времето дневните посети на порталот се зголемуваа, едноставно имавме потреба од поголеми технички перформанси и нов сопствен сервер. Откако мигриравме на нов сервер решивме да го ставиме форумот во мирување и да се фокусираме само на порталот и социјалните мрежи.

Денес се што ви треба можете да најдете на Facebook и Twitter. Информацијата испратена преку нив едноставно се шири како “вирус” низ некоја компјутерска мрежа и што е најбитно од се, допира до вистинските читатели, до оние кои решиле дека сте им омилена група и ви го подариле нивното внимание со „лајк”. Затоа целата комуникација ја водиме преку порталот, Facebook и Twitter, решивме да го прифатиме овој нов момент и да бидеме во чекор со најновите ИТ трендови.

Тоа би била едната страна од нашето работење и користењето на друштвените мрежи како сервис за проследување на информации. Втората страна е идејата за созадавање на наши сопствени сервиси. На почетокот беше само идеја и желба, за денес да се претвори во реалност. До сега успеавме да реализираме два наши сервиси: „Информатор” и „Прашалник“. Со првиот сервис преку испраќање на дневен билтен ги информираме студентите за најновите пракси и вработувања додека прашалникот го воведовме како помошен систем кој ќе ги содржи сите важни прашања, собрани на едно место кои би биле од корист на студентите, особено на идните студенти.

На сајтот по една година има и реклами? Дали порталот се исплатеше за да се профитира од него?

Средствата кои ги обезбедуваме од нашето работење ни овозможуваат да ги покриеме само основните трошоци за нормално работење. Целиме кон тоа да обезбедиме доволно средства за да воведуваме нови сервиси а со тоа и посериозен пристап кон целата студентска заедница. Сакаме да станеме централно место, сервис каде секој студен ќе може да се информира за своето тековно и понатамошно образование. До сега успеваме во тоа, се надеваме дека така и ќе продолжи :)

Среќен роденден Факултети.мк!

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments