Популарноста на очилата за виртуелна и проширена реалност достигнаа вистински бум последниов месец, пред сѐ благодарение на Apple Vision Pro. Сепак, ако сте гејмер и единствен интерес ви се видеоигрите, немате речиси никаква причина да се радувате на уредот на Apple. Она што може да ве израдува е дека Sony започна да ја тестира компатибилноста на PlayStation VR 2 за десктоп компјутерите.
„Задоволни сме што може да споделиме дека во моментов ја тестираме можноста за PS VR2 играчите да се здобијат со пристап до дополнителни игри на PC за да овозможиме уште поголема разновидност на игри покрај насловите на PS VR2 достапни преку PS5. Се надеваме дека ќе ја направиме оваа поддршка достапна во 2024 година.“, пишува Sony на својот блог.
Сетот за виртуелна реалност на Sony има неофицијална поддршка од модери кои изнаоѓаат начини да го прилагодат за Steam VR. Ова е добредојдено за ентузијастите, но официјална поддршка е значително подобро и поедноставно решение. Дополнително, отворањето на PS VR2 ќе додаде и куп нови игри за уредот, што ќе резултира со поголем интерес.

PlayStation VR2 е подобар од претходникот
Ова е одлична вест за гејмерите кои се заинтересирани да ја тестираат виртуелната реалност. Сетот е еден од најдобро избалансираните и најудобните, што никако не е за потценување.
PlayStation VR2 е одличен сет за виртуелна реалност. Доаѓа со подобра резолуција по око во споредба со оригиналниот PSVR, што обезбедува многу подетална слика. Една од најзначајните нови функции е следењето на очите. Корисникот преку природно движење на очите може да управува со игрите и апликациите.
PSVR2 доаѓа со хаптичен фидбек во слушалките. Ова овозможува дополнително ниво на имерзија преку чувство на допир. Имерзијата е подобрена и со новите контролери. Имаат значително подобра ергономијата и функционалност, со адаптивни копчиња и хаптички фидбек.
За разлика од првиот PSVR, за кој беа потребно екстерни камери за следење, PSVR2 користи внатрешно следење. Со ова е олеснето поставувањето и употребата. Подобрено е и полето на видливост (FOV), овозможувајќи играчите да имаат поширок поглед на виртуелниот свет. Екраните се 4K HDR со што се обезбедува поквалитетен и повпечатлив виртуелен свет.
Цената на PS VR2 е 550 американски долари. Сепак, ова не е уред кој работи самостојно. Потребна е PlayStation 5 конзола, или доволно моќен дескоп компјутер.