Како големи фанови на стратегии, со нетрпение го исчекувавме излегувањето на Songs of Silence. Чедото на Chimera Entertainment и H2 Interactive мајсторски комбинира елементи од игри како Battle For Wesnoth, Songs Of Conquest, па дури и Clash Of Clans, се со цел да понуди свежо и забавно искуство во кое би можеле да уживаат и најпробирливите љубители на стратегии.

Songs of Silence ќе ви се допадне ако сакате:
- Комплексно управување со армии и кралство преку turn-based механики
- Длабоко развивање на способности на херои
- Предизвикувачки битки во реално време
Комбинација од turn-base и real-time битки
Некои гејмери лесно брзаат да ја етикетираат како auto-battler, но Songs of Silence е многу повеќе од тоа. Под површината се крие игра со интригантна кампања и комплексни гејмплеј механики.
Во Songs of Silence, ќе водите една од три уникатни фракции на рачно-нацртани и динамични мапи. Секоја од мапите се одликува со различни стратешки вредности и ресурси, дозволувајќи ви да имплементирате ефикасни офанзивни и дефанзивни стратегии.
Лесно бевме импресионирани од дизајнот на мапите и начинот на кој ги истражувавме со нашатата армија. Слично на Civilization игрите, во Songs of Silence почнувате од едно место и полека се ширите на сите страни, трудејќи се да соберете и управувате со најразлични ресурси и да се борите со непријателските фракции.

Судбоносни карти
Во Songs of Silence истражувате два невообичаени светови. Со вашето кралство управувате преку донесување одлуки со запазување редови (turn-based). Паралелно со тоа, ги надградувате вашите херои на најразлични начини, но и навлегувате во битки во реално време. Во оваа стратегија, на располагање имате над 100 единици. Секоја од нив е со уникатни способности.
Благодарение на разноликоста на единиците и динамичните терени, принудени сте константно да применувате најразлични стратегии. Тоа што битките се автоматски, не значи дека ќе седите со скрстени раце. Ќе треба внимателно да го следите напредувањето на армиите и да донесувате одлуки од временски карактер.
Имено, во и надвор од битките, ќе можете и да искористите моќни карти, уредно поделени во три категории.

Жолтите карти, во комбинација со златото кое го собирате, ви дозволуваат да повикувате одредени единици на бојното поле. Картите кои припаѓаат во црвената категорија, пак, ви помагаат да извлечете одредена предност на теренот, како засилување на вашата војска или деморализирање на непријателската (преку лечење, штитови, магични напади). За нас, црвените карти се најзабавните од целиот шпил, првенствено затоа што даваат можности за спектакуларно, забавно и непредвидливо водење на битките. Без нив, битките во Songs of Silence би биле крајно неинспиративна и автоматизирана песна за успивање.
И, за крај, плавите стратешки карти ви дозволуваат да градите и подобрувате населби, замоци и храмови.

За поголема вредност на преигрување, мапите се рандомно генерирани и кријат бројни можности за поставување заседи. Со сите овие механики, студиото се има погрижено секоја идна битка да се одликува со непредвидлива свежина.
За крај, би сакале да упатиме и пофални зборови кој феноменалната музичка подлога, зад која стои одамна докажаниот композитор – Хитоши Сакимото – човекот најдобро познат за неговата работа на Final Fantasy Tactics, Final Fantasy 12 и, нашата омилена, Valkyria Chronicles. За пофалба е и прекрасната и веродостојна глума. Квалитетните актери даваат посебна димензија на приказната и лесно овозможуваат емоционално поврзување со ликовите.

Садржајно демо за Songs of Silence
Демото кое го имате на располагање е кратко, но е сосема доволно за запознавање со клучните механики и донесување одлука за тоа дали е ова игра за вас, или не. Времето кое ние го поминавме во демото беше паметно искористено, но мора да признаеме дека за некои работи беше потребно многу повеќе внимание, како и учење преку експериментирање и грешки.
Во случај да сте фанови на 4X стратегии, шансите се дека нема да бидете разочарани од можностите за истражување, проширување, искористување и уништување. Бројните уникатни механики, како можноста за користење шпил со карти, задоволително го размрдуваат овој жанр и пружат нови начини за имплементирање значајни стратегии во еден огромен и детално разработен свет.
По релативно долгиот период во раниот пристап на Steam, студиото Chimera Entertainment конечно нуди оптимизирана игра со комплексна кампања, бројни единици, и забавни механики. Топла препорака за студениот викенд кој е пред нас!




Повеќе детали за играта
- Произведува: Chimera Entertainment
- Издава: Chimera Entertainment, H2 Interactive
- Жанр: стратегија
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 13 ноември 2024