Да се биде детектив воопшто не е лесно. Потребно е да запазувате детали, да собирате докази, да разговарате со различни луѓе и да пробате да заклучите што е вистина, а што лага. Играта на Андре Гарајс се занимава со сите овие аспекти, пружајќи ви незаборавна приказна мајсторски испреплетена со паранормални способности. Како резултат, добивате уникатна авантура која нема да можете лесно да ја заборавите.

Сурфање низ умови
Во Mindcop, играте со MC, еден вид паранормален детектив кој, за да ги фати убијците, користи традиционални детективски методи во комбинација со паранормални способности. Вашите уникатни способности ве имаат доведено до едно изолирано место каде е убиена преубава млада девојка. Не сакајќи да губите драгоцено време, вие и вашата партнерка, Линда, ќе започнете со проучување на местото на злосторот.

Mindcop се игра како и секоја друга point and click авантура. Разликата е во тоа што оваа игра одлично се игра и само со тастатура или со контролер. Независно од алатката за контролирање, ќе започнете со истражување на собите, собирање докази, но и разговарање со различни лица. Секое лице можете да го испрашувате, да го затворите или да навлезете во неговиот ум. Пред да објасниме на што мислиме, потребно е да потенцираме дека се што правите во Mindcop троши време. Штом го изгубите сето доделено време, потребно е да го завршите работниот ден и да преспиете. А, да, дали споменавме дека имате само пет дена да го најдете убиецот?

Ваквиот временски притисок додава значителен предизвик во играта, принудувајќи ве константно да размислувате на што ќе посветувате внимание, а што ќе игнорирате. Иако ја разбираме оваа механика, не сме преголеми фанови на неа. Mindcop има прекрасни ликови, одлична приказна и преубава креативна визија, особено во поглед на визуелниот стил. Не ни се допаѓаше чувството да мислиме дека нешто сме пропуштиле само затоа што времето нѐ мава.

Втората работа која предизвика измешани реакции кај нас беше мини играта за сурфање низ умовите на лицата. Имено, за да добиете пристап до ум на некое сомнително лице, потребно е да отворите три врати. Едната врата открива една вистина, другата врата отвара лага, а третата врата отвора сеќавање кое или е вистина, или е лага (или е нешто помеѓу тоа). Но, за да дојдете во вратите потребно е да одиграте мини игра каде вие сурфате низ умот а куршуми го решетаат мозокот од девет различни правци.

Куршумите се во различни бои, а мозокот можете да го ротирате. Кога ќе се направи линија од куршуми кои се во иста боја добивате повеќе време за да можете да стигнете до финишот, односно до трите врати. Нормално, со текот на времето, овие мини игри се прошируваат со нови елементи и ситуации, но суштината е таа. Сигурни сме дека и ова на некого би му се многу допаднало, но нам ни се чинеше дека не им е тука местото на овие мини игри и само го загрозуваат текот на феноменалната приказна.




Надвор од овие две, исклучително субјективни забелешки, Mindcop e прекрасна игра на која е посветено многу труд и знаење. Секоја чест за соло девелоперот кој успејал да создаде исклучително богат свет со храбри идеи. На располагање имате и одлично демо!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Andre Gareis
- Издава: Dear Villagers
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 14 ноември 2024







