Џоана Смит-Грифин, основачката на стартапот AllHere Education, е обвинета за измама на инвеститори, лажно претставување на заработката и за тоа дека ја лажела јавноста за клиентите на нејзината компанија. Таа успеала да ги измами инвеститорите дека нејзините клиенти ги вклучувале и најголемите училишни окрузи во САД.
AllHere Education беше основана во 2016 година. Главната идеја била со помош на вештачка интелигенција да се подобри комуникацијата помеѓу учениците, родителите и училиштата. Планот беше дел од ова да се направи преку употреба на четбот со вештачка интелигенција наречен „Ed“. Оваа вештачка интелигенција според тврдењата требаше да користи податоци на учениците за да креира персонализирани планови за учење.
Сепак, податоците што ги објави обвинителството покажуваат дека Смит-Грифин ја лажела јавноста, инвеститорите и самите училишта во врска со приходите и корисниците на AllHere. Според обвинението, успеала да дојде до инвестиции со вредност од речиси 10 милиони долари. Потоа, наместо овие средства да ги инвестира во стартапот, ги користела за свои луксузни потреби. Грифин платила капар за нова куќа и за нејзината свадба.

Триесетитригодишната Џоана Смит-Грифин беше уапсена на 19 ноември во Северна Каролина, каде што живее. Сега се соочува со обвиненија за електронска измама (wire fraud), измами со хартии од вредност, како и за кражба на идентитет. Ако биде осудена, би можела да се соочи со повеќе од 40 години затвор.
Компанијата AllHere не ја дочека тужбата. Уште од претходно се наоѓа во постапка за банкрот, а сите вработени се отпуштени.
Најголема штета е направена на образованието
Претставник на Федералното истражно биро, кое го води случајот, изјави дека постапките на Смит-Грифин имале негативно влијание на потенцијалот за подобра образовна средина во некои од најголемите училишни окрузи.
„ФБИ ќе обезбеди дека секој кој го злоупотребува ветувањето за подобри образовни можности за нашите деца ќе добие лекција“, изјави Џејмс Е. Денехи, асистент директор на ФБИ во Њујорк.
Смит-Грифин тврдела дека AllHere соработува со училишни системи во Њујорк, Атланта и Балтимор. Според обвинителството, само два од овие окрузи — Бостон и округот Принц Џорџ во Мериленд — навистина имале договори со компанијата. Во 2023 година, AllHere потпишал „мултимилионски договор“ со училишниот округ во Лос Анџелес за развој на чатботот.
Во 2020 година, кога започнала да бара инвеститори, Смит-Грифин излажала за финансиската состојба на компанијата. Таа прикажувала приходи од 3,7 милиони долари, додека вистинските приходи изнесувале едвај 11 000 долари. Ги користела овие лаги за да ја зголеми репутацијата, појавувајќи се на насловните страници на магазини како Forbes. Во 2021 година била дел во листата „30 Under 30“ лидери во образованието.
Измамата е откриена во јуни 2024 година. Тогаш два големи инвеститори и сметководителот на компанијата откриле значителни несогласувања помеѓу финансиските проекции и реалните податоци на компанијата. Кога била соочена со фактите, Смит-Грифин креирала лажна електронска адреса. Од оваа адреса се претставувала како финансиски консултант на компанијата и испраќала лажни документи до инвеститорите, пишува New York Times. Само ова лажно претставување додава две години задолжителна затворска казна.
Дури и да започнала со добра намера, оваа приказна ни покажува колку лесно технологијата и ветувањето за иновации можат да бидат злоупотребени за лична корист. AllHere како и Елизабет Холмс и нејзината компанија Theranos, која изврши измама со вредност од околу 700 милиони долари, покажуваат колку лесно амбициозни основачи можат да ги измамат инвеститорите и јавноста со неисполнети ветувања. И додека Смит-Грифин сега се соочува со правни последици, вистинските жртви на нејзините постапки се учениците и училиштата кои имале доверба во технолошките решенија за подобрување на образованието.