OpenAI се појавува во две интересни вести кои го потврдуваат нејзиниот централен статус во светот на вештачката интелигенција. Јапонската корпорација SoftBank Group е во разговори за инвестирање во компанијата. Корпорацијата со седиште во Токио е подготвена да инвестира 40 милијарди долари во OpenAI.
За корисниците на услугите и сервисите на OpenAI веројатно поинтересна е втората вест. Компанијата го претстави својот најнов модел за o3-mini. Наменет е да понуди поефикасно и поевтино решенија за технички и STEM прашања.
Инвестицијата на SoftBank може да ја донесе вредноста на OpenAI на 340 милијарди долари
Според извори, SoftBank планира да инвестира преку конвертибилни обврзници. Инвестирањето е условено од реструктурирањето на бизнис моделот на Open AI. Open AI треба да ја отстрани контролата врз компанијата од страна на нејзината непрофитна група. Вредноста на OpenAI во моментов е проценета на 260 милијарди американски долари. Ова е огромен скок во споредба со вредноста на компанијата од пред неколку месеци. Тогаш вредноста беше проценета на 150 милијарди долари. SoftBank би можел да инвестира 15 до 25 милијарди долари директно во OpenAI. Овие средства може да се искористат за покривање на влогот на OpenAI во фондот Stargate.
SoftBank не единствената компанија со инвестиција во вештачка интелигенција која вреди повеќе милијарди долари. Microsoft најави дека ќе оддели 80 милијарди долари за инвестирање во вештачка интелигенција. Сопственикот на Facebook, компанијата Meta за развој на вештачка интелигенција ќе оддели 65 милијарди долари.
Новиот „o3-mini“ бесплатно достапен за сите
Притисокот на кинеските конкуренти и претставувањето на DeepSeek R1 и Qwen 2.5 Max моделите беше главна вест минатата недела. Кинеските модели се барем подеднакво моќни, но на нивно тренирање е потрошено само 10 отсто од средствата кои ги користат западните конкуренти. Веројатно поимпресивно е што двете објави дојдоа како гром од ведро небо, без никаква најава.
Можеби притисокот од овој развој на настаните, го забрза лансирањето на моделот o3-mini. OpenAI првично го претстави моделот во декември, но немаше официјална дата за негова достапност. Моделот o3-mini е наменет за решавање на проблеми во области како што се програмирање, математика и наука. Моделот е оптимизиран да обезбеди побрзи и поефикасни резултати. Истовремено е со пониски трошоци што го прави привлечен избор за платформи како ChatGPT.

Најефикасен модел досега
OpenAI го позиционира o3-mini како модел кој не само што „разбира“ комплексни проблеми, туку исто така вградува механизми за процена и проверка на фактите, што го прави попогоден за технички и STEM задачи. Тестовите на моделот велат дека o3-mini дава поточни резултати со 39% помал број на големи грешки на „тешки прашања од реалниот свет“, пишува TechCrunch. Истовремено моделот дава појасни одговори, и е за 24% побрз од претходните генерации. Ова го прави моделот идеален за апликации каде брзината и точноста се клучни.
Новиот о3-mini е достапен за корисниците на ChatGPT од крајот на минатата недела. Ова е прв „reasoning“ модел кој е бесплатно достапен. Може да го користат сите корисници, но ќе доаѓа со ограничувања. Претплатниците на Plus може да постават прашање на o3-mini 150 пати во денот. Бесплатните корисници имаат построги ограничувања. Претплатниците може да ги одберат o3-mini или o3-mini-high од „dropdown“ менито. Бесплатните корисници може да го одберат новото копче „Reason“.
Една од најзначајните придобивки на новиот модел е значително пониската цена.
„Цената на O3-mini е 0,55 американски долари за милион кеширани влезни токени и 4,40 долари за милион излезни токени, милион токени се приближно 750 000 зборови. Ова е 63% поевтино од o1-mini и е конкурентно со цените на моделот за расудување R1 на DeepSeek. DeepSeek наплатува 0,14 долари за милион кеширани влезни токени и 2,19 долари по милион излезни токени за пристап до R1 преку својот API.“, додава TechCrunch.
Подобри пeрформанси, но приближни со R1
О3-mini не е нов суперхерој во галаксијата од модели – повеќе е како брз и ефикасен аутсајдер кој може да изненади. На тестот AIME 2024, кој е наместен да испита колку добро моделите се справуваат со комплексни инструкции, o3-mini го надминува DeepSeek R1 – но исклучиво при „high reasoning effort“, односно кога се користи максималното ниво на интелигенција.
Сличен е случајот и со тестот SWE-bench Verified, каде o3-mini успеа да го „победи“ R1 за само 0,1 поен, повторно само кога му се користи „high reasoning“.
На тестот GPQA Diamond, кој е на ниво докторанд со комплексни прашања од физика, биологија и хемија, o3-mini прикажува полоши резултати од R1 кога работи со низок интензитет. Со други зборови, o3-mini покажува подобри резултати, но само кога го користиме неговиот „турбо“ режим.







