Во објава која најавува уште поинтересна „ глобална трка“ во развојот на вештачката интелигенција, новиот претседател на САД, Доналд Трамп го претстави Stargate. Stargate претставува заедничка инвестиција од барем 100 милијарди долари помеѓу OpenAI, SoftBank и Oracle. Проектот има за цел значително да ја засили инфраструктурата за вештачка интелигенција во САД, со планови за изградба на огромни дата центри низ целата земја. Ако биде успешен, Stargate може да привлече инвестиции и до 500 милијарди долари во следните четири години. Иницијативата ветува значително зајакнување на технолошките капацитети на САД за развој на вештачка интелигенција. Истовремено отвора и критични прашања за етиката, надзорот и геополитичката стратегија.
Stargate треба да започне со 10 податочни центри кои веќе се во изградба во Тексас. Понатамошните планови за проширување зависат од мерки кои треба да се преземат за да се олеснат потенцијалните пречки за забрзување на изградбата на идните центри. Претседателот Трамп вети дека ќе ги елиминира „бирократските пречки“. Тој дури најави и вонредни декрети за да им овозможи на податочните центри да произведуваат сопствена електрична енергија. За жал барем засега нема детални податоци за тоа кои се главните пречки што го спречуваат евентуалното проширување. Критичарите предупредуваат дека овие мерки може да ги заобиколат неопходните проверки за животната средина и безбедност.
Иницијативата е голем чекор уште на почетокот на мандатот на Трамп. На нејзиното објавување присуствуваа и Сем Олтман од OpenAI, Масајоши Сон од SoftBank и Лари Елисон од Oracle. Нивното присуство во Белата куќа на некој начин го симболизира значењето на фондот. Сепак, не сите беа воодушевени од ова. Критичарите предупредуваат на растечкото зближување помеѓу технолошките гиганти и Вашингтон. Без сомневање соработките како оваа може да доведат до намалена регулаторна контрола врз моќните технолошки компании. Поддржувачите на иницијативата гледаат на ова како неопходно партнерство за да се одржи конкурентноста на САД во трка со брзиот напредок на Кина во областа на вештачката интелигенција.
Поддршка од новата администрација за Stargate
Тајмингот на објавата е значаен. Планирањето на Stargate е пред инаугурирањето на Трамп, но администрацијата брзо се поврза со инвестицијата, претставувајќи ја како основа на својата стратегија за „враќање на доминацијата на САД во областа на вештачката интелигенција“. Сепак, оваа најава наиде на скептицизам, бидејќи повлекувањето на регулативите за безбедност за време на мандатот на Бајден предизвика загриженост за долгорочните ризици од приоретизирање на развојот пред одговорната иновација, пишува New York Times.
Покрај вештачката интелигенција, Трамп оддели дел и за повеќе други прашања. За време на брифингот одговараше и на прашања за TikTok. Неговите изјави дека би сакал да го види TikTok во рацете на Oracle или Илон Маск се одлични за насловите на медиумите, но сепак имаат малку основа во реалноста.
Open AI досега користеше податочни центри на Microsoft за сите свои потреби. Вртоглавата популарност на ChatGPT значително ги зголеми потребите на компанијата. Поради ова Microsoft и Open AI се сложија да побараат дополнителни податочни центри од Oracle.








100 милијарди или 500 милијарди? 🤭🤭🤭