Како за прва игра, Inverge Studios навлегува во гејмерската индустрија со исклучително амбициозен проект. За да понуди сеопфатна релаксирачка забава со впечатливи предизвици, нивната игра – Creatures of Ava – жонглира механики поврзани со истражување, собирање животни и крафтање во преубав sci-fi свет полн со позитивна и лековите енергија.
Љубов на прв поглед
Creature of Ava е игра која влече инспирација од неколку жанрови, но еден жанр е пропратен низ сите аспекти на играта – cozy adventure. Тоа значи дека сите работи, почнувајќи со дизајнот на светот, преку музичката подолга, па сѐ до борбените механики, е замислено да пробуди во играчот пријатни, релаксирачки чувства.
Играјќи со Вик, ќе се се најдете на Ејва – преубава планета со импресивна флора и фауна. Низ планетата, меѓутоа, се шири проблематична инфекција која ги извитоперува билките, а ги корумпира животните. Една од лекциите која се учи низ целата игра е тоа дека, понекогаш, најчистата форма на љубовта е да се научи да се пушти саканото нешто. Планетата, за жал, не можете да ја спасите, но можете да им помогнете на животните така што ќе ги соберете и ќе има најдете нов, побезбеден дом.
Благодарение на соработката со познатата писателка Риана Прачет, Creatures of Ava има силна наративна вредност, со богат универзум кој крие каризматични жители и слатки животни. Огромниот свет е поделен на пет региони. Секој од регионите се одликува со различна флора и фауна, споредни квестови и предизвикувачки загатки расфрлани низ проблематичен терен. Играта почнува скромно, во една мала рушевина каде се запознавате со првиот жител на Ејва и добивте моќна алатка за ефикасно справување со инфекцијата, манипулација со тешки предмети и лечење на корумпираните животни.
Духовна врска
Напредувањето низ играта е невозможен без оваа сестрана алатка која, за сите намери и цели е, всушност, магичен стап. Со стапот, можете да поместувате одредени пречки или да ги уништувате таканаечените инфекциони чворови. Потоа, кога ќе се соочите со првите корумпирани суштества, ќе пробате да ги излечите и да ја придобиете нивната љубов.
Creatures of Ava е акциона-авантура. Тоа значи дека ќе имате многу ситуации за битки, но битките не се всушност битки туку нетрадиционална форма на лечење агресивни карактери. Имено, секој пат кога ќе се појави некое корумпирано суштество, стапот ќе исфрли лековита, флуидна енергија која го обвиткува животното и ја потиснува инфекцијата. За да се исфрли инфекцијата од системот на животното потребно е време, за кое вие треба да скокате и да ги избегнувате нападите на животното.
Се работи за релативно свеж акционен систем кој дополнително ја потврдува идејата дека не сте тука да сеете хаос и деструкција туку да лечите и помагате. Подоцна, користењето на стапот и справувањето со непријателите зазема подлабока димензија и отвора нови можности за (групно) лечење.
Како што напоменавме, Creatures of Ava е и игра која ви дозволува да скротувате животни. На располагање имате над 20 различни и уникатни животни кои можете да ги скротите, а, потоа, и да ги искористите нивните способности за решавање предизвикувачки загатки. Животните ги скротувате така што им свирите препознатлива песна на флејта. Вака, во теорија, целава ситуација можеби ви изгледа детска, но изведбата е одлично реализирана и прикажува длабоко и интимно поврзување со животните.
Светот на Ејва е срамежлив онолку колку што е преубав. Тоа значи дека многу локации и правци на движење се заклучени зад инвентивно осмислени загатки кои можете да ги разрешите или со добра доза платформирање или користење комбинација од вашите способности (и способности на самите животни). И, пред да помислите, ова не е покемон каде ги користите животнит за брутални битки со другите животни. Низ 15 часовната кампања, Вик во ниеден момент нити употребува нити принудува некога на агресивни акции.
Спомнавме и можност за крафтање, но овде се работи за исклучително послаб ситем кој се заснова на создавање работи за лечење или привремено зголемување на одредени способности.
Creatures of Ava е одлична игра која ќе се допадне на сите љубители на авантури. Играта се одликува со преубав и крајно уникатен свет и механики. Ретка форма на интерактивна забава која, верувајте, со децении ќе се споменува и ќе се зема за пример.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Inverge Studios
- Издава: 11 bit studios
- Жанр: акциона авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 7 август 2024
Оценка
- Вкупна оценка: 10
- Приказна: 10
- Гејмплеј: 10
- Графика: 10
- Звук и музика: 10