Компанијата Snapchat го менува името во Snap Inc. Ребрендирањето, иако мало во овој случај, не е новитет кај популарните компании и го користеле повеќе препознатливи брендови и во минатото, особено затоа што им дава и бесплатен ПР околу целиот тој процес. Поголемо изненадување деновиве е што друштвената мрежа презентираше хардвер.
Snap презентираше очила за сонце кои можат да снимаат и куси видеа. Првите очила на гигантот за споделување на видео ќе бидат достапни оваа есен, а ќе се викаат Spectacles.
Кога корисникот ќе ги стави очилата, и ќе го допре копчето на рачките, очилата снимаат 10-секундно видео. Следните притискања на копчето го продолжуваат видеото за 10 секунди, до максимални 30 секунди. Видеата ќе седат во меморијата на очилата, додека преку Wi-Fi или Bluetooth не бидат префрлени. Wi-Fi ќе користат сопствениците на Android уреди, a Bluetooth ќе биде наменет за корисниците на iOS уред. Компанијата останува верна на традицијата, па уредот ги закачува видеата во „Memories“ делот на Snapchat.
Snap ќе сe обиде да го надмине проблемот кој го имаа Google со Glass и можното нарушување на приватноста со светло кое ќе ги известува луѓето дека се снимани. За разлика од Glass кои сепак беа очила за проширена реалност, очилата на Snap ќе чинат прифатливи 130 долари, јави Wall Street Journal. Дополнително, ако очилата на Google беа дизајнирани да потсетуваат на иднината, дизајнот на Spectacles е помалку будалест и ги следи последните трендови диктирани од брендови за очила за сонце како RayBan. Изгледот можеби ќе привлече дел од помладата публика, што се чини дека е и таргетот на Snap, но тешко е да се поверува дека сериозни корисници би можеле да ги користат.
Очилата се наменети за секојдневните корисници, а она што го овозможуваат за разлика од видеата снимени со камера е поширок агол на снимање. Дополнително видеата ќе бидат кружни, нешто на што ќе мора да се навикнат корисниците. Ова на гледачите ќе им овозможи да видат се што гледа снимателот. Човекот кој ги носи очилата ќе има слободни раце за поздравување или играње со милениците.
Со оглед на цената, компанијата нема да заработува од овие уреди, директорот на Snap. Еван Спигел, вели дека ги создале очилата „бидејќи е забавно“, а и несомнено ќе им донесе огромна количина на содржина на нивната платформа ако очилата се успешни во својата приказна.
[…] го посетуваат Snapchat. Компанијата неодамно претстави и сопствен хардвер, очила со кои ќе може да се снимаат […]