Словенскиот Bird Buddy има фантастичен продукт и рекордна Kickstarter кампања

Набљудувањето на птици е процес на проучување на птици со голо око или со оптичка направа за подобра видливост. Оваа активност повеќе е хоби отколку формален научен метод. Предност на хобито е што е прилично евтино и може да го практикуваат луѓе од различна возраст. За да ги пронајдат птиците, луѓето кои го практикуваат ова хоби треба да бидат на отворено, често во природа. Хранењето на птици е уште едно супер популарно хоби. Над 57 милиони Американци ги хранат птиците, и секоја година трошат 4 милијарди долари на храна за птици. Хобито е популарно и во Велика Британија. Околу 60% од Британците редовно ги хранат птиците во своите градини.

Словенскиот стартап Bird Buddy им помага на сите кои се заинтересирани за хобито, но не можат да излезат да ги гледаат птиците кои се во нивната близина. Со помош на хардвер и апликација за паметен телефон, сопствениците на уредот може секогаш да видат која птица ја посетува нивната паметна хранилка.

Bird Buddy е паметна хранилка за птици. Доаѓа со камера со висока резолуција и микрофон, и отпорна е на вода. Куќичката може да се поврзе преку Bluetooth или Wi-Fi. За да функционира уредот потребно е напојување, кое во случајот доаѓа како посебен дел/модул кој може да се извади.

Хардверот е поврзан со вештачка интелигенција која ги препознава птиците кои се „фотографирани“. Делот на кој слетуваат птиците е сензор кој ја активира камерата и заедно со слика испраќа нотификација до телефонот на корисникот за новиот посетител. Корисникот може да ја погледне нотификацијата и да ја види сликата.

Целото следење на птиците кои се хранат има и гејмификација. Секогаш кога некоја птица за првпат доаѓа и ќе биде детектирана корисникот добива беџ од оваа птица во апликацијата.

Стартап на годината во Словенија за 2021

Bird Buddy е основан 2020 година од Франци Зидар, Кајл Базард и Зига Вртачиќ. Ако го препознавте името на Кајл Базард, тој е дизајнер на повеќе уреди од кои веројатно најпознат е Chromecast.

Потенцијалот на Bird Buddy во 2021 го забележа Startap Slovenia и го прогласи за стартап на годината. Истата година Bird Buddy доби инвестиција од General Catalyst во висина од 8,5 милиони долари. Овие средства беа клучни за успешно затворање на Kickstarter проектот. Иако компанијата успешно заврши Kickstarter кампања, цените на хардверот во 2021 наеднаш рипнаа, па постоеше опасност да не можат да ги испорачаат сите паметни куќички за птици.

„Во креирањето на хардвер милиони долари снемува преку ноќ. Мора да нарачате компоненти, да платите данок, да платите испорака и слично… Мора да имаме предвид дека 2021 беше една од најлошите за градење хардвер. Достапноста беше намалена, цените флуктуираа, моравме да имаме вишок компоненти бидејќи не бевме сигурни кога повторно ќе може да ги набавиме. Трошоците за испорака беа зголемени од 6 до 8 пати. Дури и пратката која е поместена од септември за јануари е своевидно чудо што воопшто пристигна“ , вели Зидар.

Нова Kickstarter кампања

Во моментов стартапот е актуелен со нова Kickstarter кампања. Овој пат фокусот е на колибри и специјално изработена хранилка. Овие птици се хранат со помали инсекти и нектар, па актуелната хранилка не е соодветна. Заедно со ова има и нова кадичка за бањање на птици со камера, соодветна за летните месеци. Начинот на функционирање е идентичен за сите уреди. Птиците ќе слетаат и ја активираат камерата. Камерата фотографира и веднаш испраќа нотификација со слика до корисникот.

Овој пат заедно со основните елементи во кампањата се достапни и соларен кров за куќичката и соларен кров со пумпа за кадичката.

Цената само на камерата е 135 долари, на целата хранилка 250 долари. Во моментов кампањата е на самиот почеток, па има попусти за првите поддржувачи.

Kickstarter кампањата трае уште 27 дена, но над 6150 поддржувачи веќе го надминаа минималниот праг од 100 000 долари. Во моментов се собрани 2,87 милиони долари. Сумата сѐ уште е далеку од 4,2 милиони евра кои беа собрани во првата кампања.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments