Македонскиот DigitalHub сака да го дигитализира вашето сметководство

Avatar img-thumbnail img-circle

во Вести

veni

DigitalHub е нов македонски софтвер за сметководство креиран од Venikom. Алатката првенствено е наменета за мали и средни претпријатија, кои имаат потреба од сметководствени услуги. Благодарение на тоа што станува збор за дигитален сметководител, пристапот до сметководствени и финансиски податоци е можен во секое време и од секаде. Основачи на DigitalHub се Сања Илиева и Иван Ивановски. За можностите, бенефитите и технологијата за платформата разговаравме во продолжение со Сања Илиева…

Пред да навлеземе во темата за Digital Hub, кратко интро – која е Сања?

Сања Илиева

Сања не познава комфор зона. Основата на Сања и е авантуристична, оптимистична и темпераментна. Секогаш спремна за предизвик и промена, а за тоа зборува и нејзината професионална шарноликост.

Како магистриран економист по финансии и банкарство, Сања неколку години координира проекти за странски директни инвестиции во владина институција, по што се решава на промена и станува дел од стартап компанија со извесен престој во Англија каде учи и се надоградува во насока на градење на бизниси и претприемништво. Од компанија во зачеток, преминува во банкарскиот сектор каде се задржува и најдолго како бизнис советник на големи компании, финансиски анализи и кредитирање. Верува во континуирано учење, па континуирано е вклучена во научно-истражувачка работа во Geneva Business School, на теми од интрапретприемништво, па се до иновации. За прв пат како ко-автор ќе биде и на книга на издавачка куќа Routledge, а до следна година и студент на докторски студии во Романија.

Неформално образование не изостанува и на тоа поле поседува дипломи за анализи на податоци, SQL, Python, PowerBI, со цел да биде во тек со глобалните движења и дигиталните трендови. Особено горда на Мастеркласот за Корпоративни финансии, посебно дизајниран за сопственици на бизниси кои сакаат да го максимизираат профитот.

Што е DigitalHub, што нуди овој производ поразлично од досега виденото?

Digital Hub е дигитален авторизиран сметководител кој нуди сеопфатно сметководствено решение согласно законска регулатива. Пристапот до сметковотствени и финансиски податоци е можен во секое време и од секоја точка на планетава поради тоа што е Cloud решение.  Истовремено, Дигитал Хаб е компатибилен и за ИОС и Андроид системите, што го прави достапен и лесен за користење. Дигитал Хаб е софтвер за сметководство со сериозен опсег на функционалности неопходни за секоја компанија, од фактурирање, скенирање на трошоци, па се до целосно финансиско управување. Конечно имаме дигитален сметководител којшто е во позиција да реализира ставки од вашата бесконечна “To do” листа и да ви заштеди време, енергија и пари. Создавањето на овој дигитален производ е резултат на детектираната потреба, а сметководството како критичен фактор на сите бизниси, мора да обезбеди точни финансиски информации за сите инволвирани страни. Ние тоа го детектиравме како потреба и го создадовме овој дигитален сметководител.

Кои се идеалните клиенти на производот и кои бенефити ги нуди?

Софтверот е создаден иницијално за помош на мали и средни претпријатија кои имаат потреба од целосен пакет на сметководствени услуги, како и правно и бизнис советување. Дигитал Хаб може да понуди решенија според потребите на клиентите, од можност за користење само на cloud  делот за подготовка на фактури заедно со  апликацијата за скенирање на трошоци, но доколку компанијата има потреба за користење на напредни извештаи Дигитал Хаб го нуди и тоа. Софтверот не е ограничен на една индустрија или специфична големина на компанијата, но идеален е за претприемачи кои сакаат да го автоматизираат своето работење од самите почетоци и дигитално да комуницираат со својот овластен сметководител.

Компаниите досега најмногу бараат персонализирани и повторливи фактури, автоматски потсетник за задоцнето плаќање, наплата на долгови преку адвокат, мобилно скенирање на трошоци, извештаи по категорија на трошоци, биланси на успех, готовински тек, баланс на долгови и побарувања.

Сања Илиева и Иван Ивановски

Класика прашање, од каде дојде идејата за развој на продуктов?

Развојот на производот  е резултат на детектираната потреба на пазарот, комбинација од лични искуства собирани подолг временски период.

Додека бев дел од банкарскиот сектор сфатив дека времето е најзначајниот ресурс на компаниите, а истовремено е и најголемиот проблем. За процесот на подготовка на финансиски анализи, неопходна е доставата на сметководствени документи, за компаниите претставуваше сериозен проблем за којшто долго време размислував како да го решам.

Од друга страна, искуството на мојот бизнис партнер Иван, којшто е буквално “сериски претприемач” и пробува да ги максимизира сите 24 часа во денот, беше исто како моето. Доставата на документи во физичка форма и неоправданите трошоци како резултат на изгубена сметка за него беше огромен терет и повторно значеше  време и ресурси коишто тој во моментот ги немаше.

Овие две искуства и размисли ги споивме и дојдовме до Дигитал Хаб со цел да ја олесниме комуникацијата со овластениот сметководител, но и пристапот до сопствените финансии.

На кој начин компаниите можат да го користат DigitalHub? 

Digital Hub работи на база на месечна претплата, обезбедувајќи им на корисниците рационализација на сметководствени, правни и финансиски услуги. Со користењето на софтверот, се исклучува потребата за одење во канцеларија и креирање фактура. Софтверот сето тоа го овозможува од било каде, во било кое време и притоа автоматски  го испраќа до клиентот или сметководителот.

Паралелно, трошоците во форма на сметки и фактури може да се скенираат во секој момент и од секаде, а сметководителот веднаш ги евидентира, со што се исклучува можноста за неоправдан трошок за кој би требало да се плати данок. За секаков тип на предизвици со кои би се соочиле компаниите, достапна е 24/7 поддршка преку chatbot, што овозможува еден тип на сигурност за прецизно и правилно завршена работа.

Како е решена сигурноста на податоците на клиентите на DigitalHub?

Во денешно време многу е актуелна оваа тема, на која и ние посветивме сериозно време и експертиза. Се решивме заштитата на податоците да ја обезбедиме преку Amazon Cloud – Сервис менаџиран од Amazon која во докоажано нуди една од најбезбедните опции за чување на бази на податоци. Безбедноста на AWS е и најголем приоритет, затоа базата на податоци е енкриптирана, и само корисникот има целосна контрола и ексклузивен пристап до податоците. Netflix, Twitch, LinkedIn, Facebook, Turner Broadcasting и ESPN се само некои од светски познатите компании кои ја користат технологија AWS.

Колку време беше потребно да се реализира идејата и да се дојде до MVP производ?

Многу, многу размислување и планирање! Истражувањето на пазарот за да се детектираат потребите значеше години континуирана работа за сето тоа да се постави во еден систем кој непречено ќе функционира. Да се стави на хартија идеја што од една страна ќе ги покрие потребите на клиентите, а од друга решението како ќе се имплементира е комплексен и обемен процес. Дополнително, овој процес бара уште многу пати да е ревидиран за да се пополнат можните пропусти. И тоа е бесконечна, тековна работа која ја правиме според потребите на секој клиент засебно.

За самиот развој на МВП производот потребни беа 6 месеци. И после десетици верзии на софтверот на којшто активно работеа 4 програмери, денес го имаме Дигитал Хаб без багови.

Кои беа или се едни од најголемите предизвици што ги има овој стартап?

Среќна сум дека софтверот не ни е предизвик зошто е дизајниран прецизно. Најголем предизвик ни е македонскиот пазар којшто тешко го прифаќа трендот на дигитализација, Спорото и тешко прилагодување на општествово кон промените го успорува целокупниот развој на дигиталните бизниси кои нудат бројни бенефити со користење на нивните производи. Како и на целиот свет, така и на нас предизвик тек ќе ни биде примената на вештачка интелегенција за автоматизирање на процеситe. Сеуште не можеме ни да претпоставиме до каде може да оди, а во контекст на сметководственото работење веројатно дополнително ќе заштеди време и ќе ја намали веројатноста за грешки. Сериозно гледаме во оваа насока и ги следиме сите глобални промени и движења затоа што алгоритмите за машинско учење можат да се применат и за анализа на финансиски податоци и предикција на трендови. Затоа размислите ни се во насока на развој на опции коишто ќе ги предвидат идните приходи и трошоци, ќе ги идентификуваат потенцијалните ризици и паралелно ќе креираат стратегии за оптимизација на профитот, и сето тоа врз основа на анализа на минати финансиски извештаи на компaнијата.

Кој е tech stack-от зад овој продукт? 

DigitalHub е fork од Akaunting кој продолживме да го развиваме и прилагодуваме за македонскиот пазар. Изработен е со помош на Laravel (PHP framework), Livewire (PHP и JS full-stack framework), VueJS (JS framework), MySQL база.

Кои се целите кои сакате да ги достигнете идеално со DigitalHub на краток и на долг рок? 

Ние нудиме услуга, затоа на прво место и најважни ни се корисниците. Ако се тие задоволни, ние сме мотивирани да работиме на понатамошен развој и усовршување на производот. Не помалку важно ни е да работиме кон подигнување на свесноста за дигитализација, но и за нашиот бренд. Само на овој начин нашата, но и сите останати дигитални компании ќе имаат одржлив раст и развој што ќе се одрази на општеството. Долгорочно, идејата е да излеземе од нашите граници, прво регионално, а потоа и подалеку. Паралелно да го надградиме софтверот со нови алатки, и да си го негуваме тимот којшто досега се покажа многу сериозен и компатибилен во сите аспекти.

Дознај повеќе за Digital Hub

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Kоментари на статија (0)Што се дискутира на ИТ форум...

Нема одговори сè уште.

Loading new replies...

DigitalHub е нов македонски софтвер за сметководство креиран од Venikom. Алатката првенствено е наменета за мали и средни претпријатија, кои имаат потреба од сметководствени услуги. Благодарение на тоа што станува збор за дигитален сметководител, пристапот до сметководствени и финансиски податоци е можен во секое време и од секаде. Основачи на DigitalHub се Сања Илиева и Иван Ивановски. За можностите, бенефитите и технологијата за платформата разговаравме во продолжение со Сања Илиева…

одговори Лајк

види цела содржина...
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk