Специјалното јавно обвинителство ја потврди информацијата дека во декември, 2015-та и-мејлот им бил хакиран.
„Во текот на месец декември 2015 година беше извршен неовластен упад во нашата електронска пошта, по што од наша страна беа преземени сите чекори за зголемување на безбедноста на електронска пошта. Напоменуваме дека во тој период немавме вработено лице кое би се грижело за информатичката безбедност на електронската пошта. Настанот не беше пријавен пред надлежните органи, бидејќи во тој момент немавме никаква реална штета од упадот. Меѓутоа, со оглед дека со објавата на youtube каналот јасно е изразена целта на упадот во нашата електронска пошта, Ве известуваме дека ќе бидат преземени сите мерки за расчистување на случајот.“ информираат од СЈО на нивниот сајт.
Интересно е тоа што видео се појави на YouTube откако вчера во текот на денот на прес конференција, СЈО објави нова истрага насловена “Tрезор” поврзана со работата на Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР во која оперативци на УБК и МВР се товарат дека сториле злоупотреба на службената положба преку оштетување на буџетот со набавка на специјална опрема. Повеќе за случајот “Трезор” може да прочитате на следниов линк.
Голем дел од македонските медиуми, по објавувањето на истрагата шпекулираат дека станува збор за набавка на контраверзниот FinFisher.
Објавеното видео на YouTube е поставено од страна на user-от “dugata rakata na dpmne Nacalnik pete uprave” насловено “MI TE SLEDIMO KATICE” во кое се гледа screen recording сесија од 9 минути во која корисник, логиран на Gmail акаунтот на [email protected] отвара е-маилови упатени до СЈО и јавните обвинителки. Овој корисник на својот YouTube акаунт нема ниту едно друго видео освен погоре наведеното:
Со оглед на состојбата во земјава, случајов не е за изненадување и сигурно ќе покрене дополнителни шпекулации околу сите афери поврзани со прислушувањето, јавното излегување на доверливи информации од институциите на кои се чини дека нема крај.
СЈО несомнено треба да преземе посериозни мерки околу контрола и заштита на своите комуникации, сервери и електронски уреди.







