Новата Влада е речиси извесна. Се чини дека преостанато прашање во моментов е единствено кои и колку партии ќе влезат во владата. Предлог за Министер за информатичко општество е Дамјан Манчевски од СДСМ. Седницата за носење на новата Влада се очекува да започне во вторник.
ИТ програмата на идната Влада секако не е најинтересниот дел за голем дел од граѓаните. Контролата на власта и вработувањата се дел од барањата на граѓаните кои се најчесто споменувани. Информатичката технологија и новите технологии можат да помогнат и за двете.
„Економскиот раст зависи од вложувањата во наука и истражување, како и во развој на новите технологии и индустрии со поголем поврат на инвестицијата. Затоа, Владата ќе финансира најмалку 10 истражувачки проекти годишно, понудени од научните институции, а прифатени од стопанските комори во Македонија.
Ќе се поддржат услужните активности со поголема додадена вредност (ИТ компании, телекомуникации, архитектура и сл.) преку покривање до 50% од трошоците за опрема неопходна за нова инвестиција до максимален износ од 50.000 евра. Владата ќе предложи даночни олеснувања за сите ИКТ компании кои извезуваат софтвери услуги и намалување на данокот на добивка за информатика и информациски технологии на 5%. Со тоа ќе се овозможат нови вработувања, зголемен девизен прилив и градење на нови ит-компании.
Во соработка со ИКТ заедницата во Македонија, Владата ќе финансира иновативни решенија кои ќе ја зголемат ефикасноста на политиките во: земјоделството, образованието и внатрешните работи“, се вели во програмата на новата Влада.
Целта на намалувањето на данокот на добивка е повеќе средства за ИТ секторот. Ова би требало да овозможи поголем извоз, намалување на невработеноста и креирање на нови македонски брендови. Нови решенија треба да овозможат и подобра и побрза комуникација помеѓу граѓаните и државната администрација. Приоритет ќе биде создавањето електронски регистри. Приоритет се регистарот на граѓани, адресниот регистар и регистарот на просторни податоци. Ова би можело во иднина на граѓаните значително да им го подобри искуството со државната администрација доколку се спроведат програмите како што треба.
Предвидени се и долгорочни развојни цели а дел од нив е и развојот на електронската трговија.
Преку дополнителен развој на е-Владата и останатите сервиси ќе се зголеми транспарентноста и ќе се зголеми рамноправноста на граѓаните.
Дополнително еден од целите на новата Влада ќе биде и подобра заштита на интелектуалната и индустриската сопственост.
Дел од овие мерки беа дел од програмата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Тогаш експертите ја критикуваа мерката за помал данок на добивка. Причина за критиките беше што ИТ-секторот е една од индустриите на кои најдобро им оди. Она што им претставува проблем е недостигот на квалитетен кадар за понатамошен развој на компаниите. Токму образованието и обуките се клучни за дополнителен раст.
Во образованието новата Влада ветува поголеми инвестиции во науката. Ќе биде формиран нов фонд за истражување и развој. Инвестирањето во истражувањето и развојот ќе биде зголемено од 0.2 отсто од БДП на помеѓу 1 и 1.5%.
Во енергетиката ветуваат стимулација на граѓаните за инсталирање на напредни технологии за производство на електрична енергија и намалување на користењето на фосилни горива. Спомената е инвестиција во 10 MW фотонапонска електрана и градење на ветерни фарми до 150 MW искористена енергија од ветер.
Што од програмата ќе биде реализирано, останува да видиме…