Во денешните сурови капиталистички времиња, младите се соочуваат со големи предизвици кои можат да ја попречат нивната можност да најдат стабилна работа и исполнување во работата и личните економски цели.
Социо-економската сигурност на пазарот на трудот е од големо значење за индивидуалната благосостојба. Подеднакво важна е потребата да се обезбедат демократски и одржливи модели кои ќе овозможат порамноправно учество во економијата.
Што е ESOP (Employee Stock Ownership Plan)?
План за сопственост на вработените во акции (ESOP) е програма која им дава на вработените сопственички удел во компанијата за која работат, обично во форма на акции на компанијата.
Компаниите создаваат ESOP за да им овозможат на вработените да имаат корист од растот и успехот на компанијата, усогласувајќи ги интересите на вработените со оние на бизнисот.
Вработените заработуваат акции со текот на времето и можат да ги продадат овие акции назад на компанијата, обично кога заминуваат или се пензионираат. ESOP моделот може да го подобри ангажманот на вработените, да поттикне долгорочна посветеност и да обезбеди даночни бенефиции и за вработените и за компанијата.
Каков е концептот на овој модел?
Сопствеништвото на вработените е многу важен механизам за воспоставување на економска демократија во една компанија. Ова претставува и правна и социјална структруа во која голем дел од компанијата е во сопственост на мнозинството нејзини вработени. Карактеристики на овој концепт се:
- Сопственоста на вработените негува култура на заедничко определување, овозможувајќи им на вработените глас за насоката на компанијата.
- Сопственичките структури треба да бидат инклузивни, а не врз основа на ранг на вработени или финансиски средства.
- Одржливата сопственост на вработените спречува „протекување на сопственоста“ кога вработените заминуваат и обезбедува лесна интеграција за новите вработувања.
- Сопственоста мора да биде правично распределена, осигурувајќи се дека разликите во платите нема да влијаат на пристапот до профитот, капиталот или ресурсите за одлучување.
Проект SWAYED и студиска посета во Словенија

Проектот SWAYED (Shaping the future of work: youth workplace democracy for social change) има за цел да имплементира нови модели на управување за претпријатијата од 21-от век, конкретно насочени кон ИТ, зелени социјални претпријатија и младински организации за да негуваат инклузивни работни средини погодни за младите.
Нејзините цели вклучуваат промовирање на демократско учество меѓу младите во управувањето со претпријатијата во Словенија и Македонија, како и споделување знаења за иновативните модели на социјална економија како што е Планот за сопствеништво на вработените во ЕУ (EU ESOP) во рамките на македонската социјална економија.
Mакедонската Организација за социјални иновации АРНО e oрганизатор на посетата и партнер на проектот “Обликување на иднината на работата: младинска демократија на работните места за социјални промени” финансиран од Еразмус+. Покрај АРНО, партнер на проектот е и словенскиот Институт за економска демократија.
Минатиот месец, од 20-ти до 24-ти октомври се реализираше студиска посета дел од проектот. 12 македонски учесници, претставници од различни организации беа дел од посетата во Љубљана, Словенија.
Посетата се состоеше од теоретски предавања, презентации на практични примери и посета на словенската компанија INEA, која што го има имплементирано овој модел. Во продолжение, изјава со повеќе детали од Марјан Ицоски, програмски директор во АРНО.
“Студиската посета во Словенија беше навистина едно инспиративно и освежувачко искуство за АРНО и верувам за сите организации, компании и институции вклучени во посетата. Се запознавме со “Планот за сопственост на вработените (EСОП)”, нов модел на сопственост и управување на претпријатијатa од вработените кој полека навлегува во корпоративната култура и во нашиот регион.
Како модел од социјалната економија, ЕСОП е реалност во многу европски држави како Шпанија, Италија, Франција и други, кој докажано ја зголемува продуктивноста на работниците и одржливоста и отпорноста на самите компании. ЕСОП е модел за иднината на секоја економија која се обидува да е одговорна, визионерска и спремна за сите предизвици кои ги носи глобалниот свет.
Имавме прилика да учиме од искусните експерти од Институтот за економска демократија од Љубљана, кои се пионери во оваа област во Словенија и моментално го пилотираат моделот со неколку компании. Институтот работи и на предлог законско решение кое ќе го помогне целиот процес на откупување и полесна транзиција на сопственоста на вработените и ќе даде иновативна опција за сите компании кои имаат неизвесeн пренос на сопственоста во иднина.
Се надеваме дека искуството од Студиската посета и проектот ќе ни помогне да го популаризираме ЕСОП моделот во Македонија и да го пилотираме во ИКТ индустријата. “
Зошто овој модел може да биде поволен за имплементација во ИТ секторот?

ИТ секторот е особено заинтересиран за моделот ESOP поради неколку причини:
- Привлекување и задржување таленти: ИТ-индустријата е високо конкурентна, со квалификувани професионалци со голема побарувачка. ESOP моделот може да привлече врвни таленти нудејќи им на вработените удел во компанијата. Кога вработените би имале удел во компанијта, многу веројатно дека би се задржале повеќе време во компанијата.
- Поттикнување на иновации и посветеност: ИТ компаниите напредуваат со иновациите, а доколку вработените би имале сопственост во компанијата, веројатно би биле помотивирани за нови иновирање и изнаоѓање на нови решенија.
- Усогласување со модерната работна култура: Многу ИТ професионалци даваат приоритет на работните средини кои нудат демократски вредности, флексибилност и чувство за цел. ESOP ги промовира овие вредности со тоа што им дава глас на вработените во одлуките и работењето на компанијата.
- Одржлив раст: Во сектор склон кон брзи промени, ESOP нудат стабилен пат на раст со намалување на „протекувањето на сопственоста“ додека вработените доаѓаат и си одат. Ова им помага на ИТ компаниите да одржат одржлива сопственичка структура која се прилагодува на промените во тимот со текот на времето.
- Подобрување на репутацијата на компанијата: Компаниите со ESOP често се сметаат за општествено поодговорни и попријатни за вработените, зголемувајќи ја нивната репутација и привлечност на ИТ пазарот.
Со усогласување на финансиските награди со успехот на компанијата, ESOP го прават ИТ секторот попривлечен и поотпорен, привлечен и за вработените и за лидерите во индустријата.
Како стојат работите во македонскиот ИТ сектор?
ИТ секторот во Македонија и понатаму важи за брзо растечки со голем потенцијал за развој и двигател на економијата.
Според последните податоци, заклучно со 2023 година има 3.091 регистрирани ИКТ компании кои вработуваат вкупно 21.640 работници.
Секторот доживеа стабилен раст на приходите, со зголемување од 67,17% помеѓу 2019 и 2023 година. Просечната бруто месечна плата во ИКТ секторот достигна 2.290 евра во 2022 година. Нето извозот, исто така, се зголемува во последните пет години, поттикнат од фокусот на странските пазари меѓу новооснованите компании.
Иако официјални бројки не се достапни, ИКТ компаниите се повеќе се потпираат на млади таленти, со сѐ поголем број на компании предводени од младите во секторот.
Студијата на Insider ID покажува дека над 80% од луѓето под 35 години имааат желба да започнат бизниси, особено во областите поврзани со ИТ или услуги. Извор: (МАСИТ комора – Извештај за ИКТ индустријата 2022 година).







