По цели 14 години, Red Dead Redemption конечно излезе и за PC. Како духовен наследник на Red Dead Revolver (2004), Redemption привлече огромно внимание со детално разработената приказна во едно брутално вестерн опкружување. Како апсолутен хит за PlayStation 3 и Xbox 360, играта собра 95 поени на Metacritic, поставувајќи се како една од подобрите игри на студиото Rockstar.
Иако голем дел на игрите од оваа студио беа овозможени на PC гејмерите, Red Dead Redemption тврдоглаво одбиваше да се најде на Windows платформата. Од 29 октомври, меѓутоа, играта е достапна на Steam и ужива во 92% позитивни рецензии. Благодарение на нашите пријатели од CD Media, успејавме да ја провериме играта и да видиме дали чекањето од 14 години навистина се исплати!


Одмазда на модерен начин
Во Red Dead Redemption играте со Џон Марстон. Вашата задача е да ги фатите преостанатите членови од Вандерлин бандата. Играта почнува како вашата стандардна вестерн лимонада, но набргу ќе се најдете сред комплексна приказна полна со неочекувани пресврти. Во морето од адреналински битки, ќе излезат на површина неуморните обиди на Марстон не само да помогне на неговото семејство, туку и да се соочи со проблематичното минато.

Две кампањи од една појдовна точка
Надвор од основната приказна, PC верзијата доаѓа и со содржајната Undead Nightmare експанзија. Оваа проширување прави значителен скок од реалистичната приказна во основната игра и ви дозволува да се соочите со легија од зомби чудовишта. Наспроти остриот контраст, експанзијата е исклучително забавна, одлично се вклопува во универзумот и нуди поразлично толкување на клучните механики.
Светот во Red Dead Redemption не е ни-пријди-ни-дојди како светот во втората игра, како во поглед на графичкиот енџин, така и во поглед на механиките, што е и очекувано. Red Dead Redemption сепак е значително постара игра на која во која се вложени значително помалку ресурси. Но, тоа никако не значи дека нема да најдете преубави градови полни со интересни активности. Секој од градовите е релативно мал, но ви дозволува максимално да ги впивате вестерн убавините. Често се наоѓавме како привремено стоиме и ги набљудуваме секојдневните активности на луѓето. Во моменти кога таквото нешто ќе ни здосади, со задоволство прифаќавме понуди за ловеќе глави, барање богатства или пак скротување коњи.
Морален компас
Во зависност од тоа како ќе реагирате во одредени ситуации, така и ќе се менува вашиот Honor систем. Преку следење на вашите (не)морални дела, самите граѓани ќе ве третираат на различни начини. Се работи за едноставен систем кој допринесува до суптилно прилагодување на светот според вашите одлуки.

Контролите со тастатура и глувче се совршени, нишанењето е позадоволително од автоматското нишанење кое се наметнува со контролерот. Покрај ова, лесно можете да им задавате друга функција на копчињата, пружајќи поголема флексибилност за време на битките.
А кога сме кај нив, се работи за едноставен систем за битки каде користите најразлични огнени оружја кои се препознатливи за вестерн временскиот период. Покрај нишанење и пукање, Марстон може без проблем да се крие зад пречки, како и да пука „на слепо“. Особено ни се допадна Dead Eye механиката каде го успорувате времето, одбележувате мети и потоа елиминирате сѐ што стои. Колку и пати да користевме Dead Eye, едноставно не можевме да се заситеме на визуелно импресивната изведба.
Јавање и управување со коњи е, исто така, пријатно искуство, особено во ситуации кога јавате покрај придружници или пак кога треба да развиете поголема брзина. Во поглед на јавањето, секое забрзување е директно поврзано со здравјето на вашиот коњ и нема да можете многу далеку да отидете ако константно го форсирате животното.

Стари главоболки во ново руво
Red Dead Redemption има преубав свет кој е полн со харизматични ликови. Приказните и во двете игри прекрасно се одвивааат низ преубавите локации, а гејмплеј механиките, иако едноставни, сепак знаат да понудат часови и часови забава. Но, и покрај суптилно надградените текстури и флексибилни PC можности, ова е сепак исклучително слаба надградба на оригиналната игра. Знаеме за тони и тони други ремастери кои имаат значително подобра работа завршено и нудат значително подобро искуство од нивните оригинални игри.
Red Dead Redemption за PC е 80% истата игра која се провлекуваше низ скоро цела деценија-и-пол, со само 20% технички надрградби, дали и толку. Поради тоа, од време на време, наидувате на истите смешни багови од претходните игри. Сево ова не би ни толку многу пречело кога цената за римастерот не би била апсурдни 50 евра. Навистина не ни е јасно како волку стара игра со минимални надградби би можела да ја оправда цената и, искрено, загрижени сме за тоа каков преседан би можело да се поставува за сите идни римастери.

Red Dead Redemption конечно за PC
Низ годините, константно читавме и пишувавме за тоа колку би било добро Red Dead Redemption да излезе и за PC. Сега кога конечно е излезена, сѐ изгледа како еден интересен сон. И особено ни е мило што сме дел од него. Дали би сакале да добиевме подостоен римастер, па дури и римејк, со значителни технички надградби? Дефинитивно! Но, и вака како е, нема никакво сомневање дека Red Dead Redemption е одлична игра со крајно впечалива приказна. На приказната, времето и понатаму не ѝ може ништо.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Rockstar Games, Double Eleven
- Издава: Rockstar Games
- Жанр: акција
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 29 октомври 2024