0 коментари 5 мин. читање 29 март, 2022

Што носи Законот за дигитален пазар на ЕУ

Претставниците на државите членки на Европската Унија се договорија и го усогласија нацрт Закон за дигитален пазар (Digital Markets Act). Текстот на законот е потврден на крајот на минатата недела, а веќе излегоа и првите реакции.

Законот за дигитален пазар е рамка која треба да обезбеди повисоко ниво на конкурентност на европскиот дигитален пазар. Целта на овој закон е да се обезбеди фер простор на дигиталниот пазар за сите. За да се исполнат овие услови потребно беше да се донесат правни механизми кој ќе овозможат побрза реакција. Едно од решенијата е доделување на поголема одговорност кај големите компании со повеќе корисници. Законот за дигиталeн пазар ги нарекува овие учесници на пазарот „чувари“ (gatekeepers).

Како дел од 8-часовните разговори помеѓу претставниците на Европскиот Парламент, Европскиот Совет и Европската Комисија, законодавците се сложија дека големите сервиси за текст разговор мора да бидат интероперабилни со помалите. Whatsapp, Facebook Messenger, iMessage во иднина ќе мора обезбедат канал за комуникација на корисниците од помалите платформи. Ова треба да овозможи комуникација, испраќање на фајлови или на пример видео разговори помеѓу корисници од различни апликации. Вака ќе се обезбеди поголем избор за корисниците, кои нема да мора да одбираат апликација за да можат да разговараат со пријателите кои се присутни на неа. Засега не е направена оценка за друштвените мрежи, но предлагачите на законот се сложни дека потребата од интероперабилност кај друштвените мрежи ќе биде разгледана во иднина.

Втора точка која е зафатена со Законот за дигитален пазар се таргетираното рекламирање и користењето на податоците на корисниците. Користењето на комбинирани лични податоци за таргетирано рекламирање, „gatekeeper“-компаниите ќе може да го прават исклучиво со дозвола од корисникот.

Покрај ова, ќе мора да се обезбеди и некаков начин сопственикот да може да одбере прелистувач, виртуелен асистент и пребарувач на својот уред.

Законот ќе биде сериозен предизвик и за Apple. Производителот на своите уреди ќе мора да овозможи инсталирање на апликации од други безбедни продавници, а не само од AppStore. Главната одбрана на Apple беше дека ако го дозволат ова ќе биде нарушена сигурноста и безбедноста на оперативниот систем и на телефонот. Сепак законодавците на Унијата одлучија дека е поважно сопствениците на телефоните самите да можат да решаваат што ќе прават, и од каде ќе инсталираат софтвер на своите уреди.

Казните за сите кои ќе го прекршат законот се ригорозни. Комисијата може да изрече казна до 10% од вкупниот глобален промет во претходната финансиска година или 20% во случај на повторен прекршок. Во случај  на систематски прекршување комисијата ќе може да издаде временска забрана на компаниите да се стекнат/купат други компании.

„Договорот воведува нова ера на технолошка регулација ширум светот. Законот за дигитален пазар става крај на растечката доминација на големите компании. Отсега па натаму, ќе мора да покажат дека овозможуваат фер конкуренција на интернет. Новите правила ќе помогнат да се спроведе овој основен принцип. На овој начин Европа ќе обезбеди поголема конкуренција, повеќе иновации, и поголем избор за корисниците“, вели претставникот на Унијата.

Во следните чекори технички ќе се усогласи текстот на законот и ќе биде проверен од адвокати-лингвисти. По ова законот треба да биде донесен од Европскиот Парламент и Европскиот Совет. По 20 дена ќе биде објавен во „EU Official Journal“. Компаниите ќе имаат шест месеци да ја усогласат својата работа со законот, пред и официјално ќе стапи на сила.

Avatar photo
Напишано од

Дејан Соколоски

Дејан Соколоски е автор на IT.mk. Долгогодишен гејмер кого го интересираат обновливите извори на енергија, автоматизација, хардвер, фан е на стрипови, алтернативна уметност и Ливерпул.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top