Хардвер вестите минатата недела беа „окупирани“ од Nvidia и Hopper архитектурата. Покрај ова добивме и шпекулација за новиот Intel процесор и за одлагање на новите Pixel часовници. Да не биде неделата без Apple се „погрижи“ шпекулацијата за нов iPad Pro кој ќе биде достапен од оваа есен…
Нов iPad Pro и нов М2-чип
Иако до есента има уште неколку месеци, веќе се актуелни првите протекување за тоа што најголемите компании ќе ни претстават на крајот на септември и во октомври. На есенската презентација на Apple ќе може да видиме нова верзија на iPad Pro, барем ако му веруваме на извештајот на Bloomberg.
Компанијата, освен таблет компјутерот ќе претстави и нова верзија, надградба, на M чипот. Според именувањето кое Apple го практикува подолг период, веројатно следната генерација чипови ќе биде M2. Засега нема официјална потврда, но вести дека компанијата работи на нов чип, се појавуваат веќе цела година.
Што се однесува на потенцијалниот хардвер во новиот таблет компјутер, засега нема никаква информација. Актуелната верзија доаѓа со М1 чип, 5G и Thunderbolt поддршка, па без нов процесор тешко е веројатно дека ќе видиме и нов iPad Pro.
Google Pixel Watch и Wear OS 3.0 ќе бидат одложени до октомври
Лоша вест за сите кои го чекаат новиот Pixel часовник од Google. Информациите кои протекоа минатата година и се однесуваа на првата генерација часовници од Google нема да се остварат. Pixel Watch веројатно ќе биде претставен во октомври, а не во мај, како што првично се шпекулираше.
Досега нема информација дали следната надградба на оперативниот систем за часовници – Wear OS 3.0 ќе биде достапен во истиот период. Оперативниот систем беше претставен уште минатата година и имаше најави дека излегува на TicWatch Pro 3, Fossil Gen 6 и Tag Heuer Connected Calibre E4. За жал барем засега немаме можност да го видиме оперативниот систем на некој часовник. Според Google, Wear OS 3.0 ќе пристигне најдоцна во втората половина на 2022, па оваа прогноза може и да се оствари.
Nvidia ја претстави Hopper H100 GPU
Најголем настан од минатата недела беше презентација на Nvidia и претставувањето на следната архитектура на производителот на графички картички. Фокус на настанот беше 4nm Hopper архитектура, и Hopper H100 наменета за користење во податочни центри. Hopper H100 ќе биде замена за Ampere A100 картичките.
Картичката ќе се користи во суперкомпјутери, и како останатите картички од последните неколку генерации, фокусот е на вештачката интелигенција.
H100 доаѓа со 80 милијарди транзистори, и се произведува со специјален TSMC 4N процес, пишува Tom’s Hardware. Новата архитектура овозможува зголемување на бројот на транзистори за 40%, без да се зголеми големината на чипот. По бројот на транзистори ова е значителна надградба во споредба со Ampere A100 графичката карта, која доаѓа со 54 милијарди транзистори.
Hopper H100 има поддршка за четвртата генерација на NVLink интерфејс кој поддржува брзини до 900 GB/s. За системите кои не користат NVLink, Hopper е подготвен за PCIe 5.0, на кој е способен за поскромна брзина од 128 GB/s. Максимумот на меморија која е поддржана со H100 е 80GB HBM3.
Да не биде баш сè од Nvidia само зборување за хардвер, се погрижи тимот кој го претстави Instant NeRF. Вештачката интелигенција која за само неколку секунди може од 2Д-слики да креира цела 3Д-околина.
„Instant NeRF може да биде значаен за 3Д подеднакво како што JPEG компресијата беше значајна за 2Д-фотографијата – исклучително голема брзина, леснотија на користење, и пошироки области на примена за 3Д сликање и споделување“, вели Дејвид Луебке, заменик директор за графички развој на Nvidia.
Intel Core i9-12900KS излегува во април
На крајот на минатата недела конечно добивме и информација за нов настан од Intel. На овој настан компанијата ќе зборува за новиот i9-12900KS чип и ќе дознаеме повеќе за достапноста на процесорот. Настанот е закажан за следната недела и ќе се одржи на 5-ти април. Intel веќе објави дека процесорот излегува на истата дата и препорачана цена за продажба е 740 долари.
Иако не се до крај официјално потврдени, хардверот и дел од можностите се веќе познати. Бенчмарк тестовите покажуваат дека i9-12900KS работи во „boost“-мод на 5,5GHz. Ова според Cinebennch R23 тестот е побрз процесор од Ryzen 9 5950X. Иако е прашање дали перформансите се доволно подобри да може да ја оправда повисоката цена во однос на i9-12900K, барем според бенчмарк тестовите ова е најбрзиот десктоп процесор.