Оваа недела од 28 февруари до 3 март се одржа MWC Барселона настан посветен на паметните телефони, мрежна опрема, безжична технологија. Низ годините настанот се прошири и сега опфаќа повеќе области.
За жал иако во минатото најдобрите телефони се презентираа на MWC, производителите последните години имаат сопствени промоции; често користат „протекување“ за претставување на телефоните; па настанот загуби дел од својата атрактивност. За среќа дел од производителите го користат за да претстават дел од своите понови или помалку популарни модели, и често може да видиме „proof-of-concept“ уреди кои се супер интересни.
Телефоните со флексибилен екран веќе не се новитет и овој пат имаме и помалку популарни компании кои ги покажаа своите уреди, а ако судиме по она што можевме да го видиме на MWC, натпреварот помеѓу производителите и оваа година ќе биде кај камерите.
TLC
Кога сме кај телефоните со флексибилни екрани оваа година ова беше категорија за TLC. Производителот претстави повеќе различни модели со флексибилен екран, а покрај овие ни претставија и стандардни телефони.
Компанијата претстави надградба на минатогодишната TLC 20 серија. Оваа година бројката е поголема за 10 и сега телефоните се TCL 30 5G, TCL 30+, TCL 30, TCL 30 SE и TCL 30 E. Ова е основната серија на TLC па дури и најскапиот TLC 30 5G модел доаѓа за 250 евра. Најевтиниот телефон во оваа серија е TLC 30 E кој ќе чини околу 140 евра. Телефоните излегуваат веќе во април.
TCL 30 5G, TCL 30+, TCL 30, TCL 30 SE доаѓаат со 50МР тројна камера, а TCL 30 E со 50MP дуал камера. Уредите се со 6,7-инчен FHD+ AMOLED дисплеј; и 5000mАh батерии.
Телефонот не е прескап, и хардверот не е лош за цената. Единствената лоша вест е дека уредите ќе имаат една генерација надградба на Android и две години безбедносни закрпи.
Уредите стануваат поинтересни кај концепт телефоните. TLC има неколку различни телефони со флексибилен екран. TCL Fold ‘n Roll е интересен концепт телефон има екран кој освен што се преклопува може и да се извлече. Ова е веројатно еден од почудните модели во оваа категорија кои сме ги виделе досега.
TCL Ultra Flex е телефон со флексибилен екран кој освен што се исправа може да се преклопи и во другата насока, па има своевидна слобода од 360о. Како ова би се користело во пракса засега е нејасно. Сепак станува збор за два прототип уреди кои не само што не се наменети за продажба, туку не се ниту функционални.
Motorola
Еден од производителите кои се враќаат со сопствени телефони оваа година е Motorola. Компанијата одамна веќе не она што беше на пазарот за паметни телефони, но некои од уредите кои ги престави компанијата во овој период се интересни.
Оваа година имаат нов „флегшип“-телефон. Edge+ доаѓа со Snapdragon8 Gen 1 чип; 6,7-инчен OLED eкран со HDR10+ со рефреш од 144Hz. Телефонот доаѓа со тројна камера со оптичка стабилизација.
Цената на телефонот во првите неколку недели на продажба ќе биде 900 долари, а потоа стандардната цена ќе биде 1000 долари. Засега нема дата за официјално излегување на телефонот.
Honor Magic4 Pro
Кинескиот производите Honor е препознатлив по евтините телефони кои се со солиден квалитет за цената за која се продаваат. Овој пат компанијата претстави нешто поинакво и на MWC претстави „флегшип“ телефон. Magic4 Pro доаѓа со 6,81-инчен, LTPO OLED, 120Hz екран. Телефонот има Snapdragon 9 Gen 1 процесор; 8GB RAM и 256GB простор. Како и кај остатокот на телефоните камерата е она што треба да ве натера да се одлучите токму за Magic4 Pro. Овој пат тоа е систем со 50MP широк објектив, 50MP ултра-широк и 65MP перископ телефото објектив за „зум“-фотографии.
Интересна е и батеријата која е со капацитет од 4600 mAh, но и 100W полнење кое овозможува полнење од 0 до 50% за 15 минути. За жал засега нема најава за дата за излегување или за цена на телефонот.
Poco претстави нови телефони
Производителот кој се прослави со евтини уреди со одличен хардвер – Poco, оваа година претстави два нови телефони Poco X4 Pro 5G и Poco M4 Pro. Телефоните вообичаено доаѓаат со супер хардвер, иако во некои делови се прават заштеди. На пример може да има најнов процесор и многу RAM, но екранот да биде полош.
X4 Pro доаѓа со 6,67-инчен AMOLED, HDR10 дисплеј со рефреш од 120Hz; Snapdragon 695 5G процесор; 128GB 6GB RAM или 256GB 8GB RAM. Главната камерата е 108МР, а има и 8MP ултра широко-аголна, и 2МР макро камера. Батеријата е 5000mAh и се полни до 70% за 22 минути или до 100% за 41 минута.
Според најавата цената ќе биде околу 300 евра.
Oppo Find X5 Pro
За овој телефон знаевме веќе од претходно. Информации за уредот протекоа уште на средината на февруари, а ова е само официјална промоција. И по официјалното претставување најимпресивен дел од телефонот е модулот за камерата, кој е лесно препознатлив. Најголем дел од останатите информации веќе беа објавени. Телефонот доаѓа со голем 6,7-инчен AMOLED дисплеј со резолуција 3216х1440px; густина на пиксели од 526ppi и рефреш од 120Hz; Snapdragon 8 Gen 1 чип; 12GB RAM и 256GB простор; батерија со капацитет од 5000mAh и има можност за брзо (80W) и безжично полнење.
Партнер на Oppo за камерите е Hasselblad, но сега и официјално дознавме дека соработката е единствено на софтверот. Find X5 Pro доаѓа со 50MP главна камера, 50MP ултра широко-аголна, и 13MP телефото камера.
Веќе знаевме дека Oppo Find X5 нема да биде евтин телефон. Цената му е околу 1300 евра со што e еден од најскапите паметни телефони.
OnePlus 10 и OnePlus 10 Pro
Компанијата сестра на Oppo – OnePlus имаше европско преставување на два уреди OnePlus 10 и One Plus 10 Pro. Велиме европско бидејќи Pro верзијата на телефонот е веќе достапна на кинескиот пазар. Сега дознавме дека телефонот ќе биде достапен и во Европа и во Северна Америка.
Со оглед на тоа дека е „флегшип“ телефон, не нè изненадуваат спецификациите: Snapdragon 8 Gen 1; максимални 512GB и 12GB RAM; 6,7-инчен LTPO AMOLED дисплеј со 120Hz дисплеј. OnePlus 10 Pro доаѓа со тројна камера: главна – 48MP со оптичка стабилизација, 50MP ултра-широкоаголна и 8MP телефото камера.
OnePlus 10 Pro има батерија со капацитет 5000mAh со 80W полнење, која се полни од 0 до 100% за 32 минути.
Што се однесува до цената добра вест во продажба телефонот би требало да чини околу 650 евра.