Сигурно до сега ги видовте оние луди фотографии на вештачката интелигенција на Google. Иако не е вистинска интелигенција, бидејќи не може да им даде смисла на објектите, сепак невралната мрежа на Google и истражувачи од Stanford е фантастична технологија која може да препознава објекти, и врз нив да генерира други фотографии.
Но, што ќе се случи ако таа технологија ја изнесете на прошетка во офлајн светот? Програмерот и артист Кајл Мекдоналд неодамна ја модифицираше невралната мрежа на Google за да може да ја прошета и тестира на улиците во Амстердам, пренесува Verge. Направените промени му овозможија да ја искористи технологијата во реално време да ги анализира сликите од камерата, и да ги опише објектите кои ги гледа. Резултатите се далеку од 100 отсто точни, но сепак вештачката интелигенција препознава доволно добро и брзо за да открива објектите додека сликите се менуваат. Иако алгоритмот не знае за што зборува кога објектите на сликата се во прашање, сепак ова е добар, и можеби застрашувачки, почеток на вистинско AI.