Беспилотните летала најдоа еден куп забавни примени – од замена на овчарски пес до чувари на граница. Но, Австралија ја има најуникатната идеја до сега. Властите ќе ангажираат флота на беспилотни летала кои ќе ги штитат пливачите од напади на ајкули. Минатата година на крајбрежјето на Нов Јужен Велс беа забележани неколку напади, па властите се решија да инвестираат 16 милиони долари во нови технологии.
Дроновите ќе патролираат на локациите каде има почести напади, иако тие нема да бидат единствената заштита. Австралија сè уште не e убедена дека може да препушти безбедност на роботи, па затоа ќе ангажира и хеликоптерски надзор и ќе постави заштитна мрежа. „Не постои лесен начин за да се намалат ризиците за пливачите и сурферите. Ние сме одлучни дека ќе ја тестираме најдобрата наука која е достапна, вклучувајќи и нови технологии, додека се обидуваме да ги направиме плажите побезбедни,“ вели Ниал Блер, премиер на Нов Јужен Велс за ВВС.
Дроновите во реално време ќе испраќаат фотографии од областа која ја патролираат до операторот, кој доколку забележи опасност ќе треба да ги извести пливачите и сурферите. Наскоро треба да бидат тестирани и паметните стапици кои треба да бидат активирани единствено кога опасни ајкули ќе бидат во нивна близина. Мамките ќе бидат пасивни се додека операторот не ги вклучи. Моментот на вклучување зависи од операторот, а стапиците доаѓаат опремени со сензори и камери.